• среда, 18 декември 2024

Украинската Врховна рада усвои закон за забрана на Руската православна црква

Украинската Врховна рада усвои закон за забрана на Руската православна црква

Киев, 20 август 2024 (МИА) - Врховната рада на Украина денеска го усвои Законот за заштита на уставниот поредок во областа на активностите на верските организации, со кој се забранува активност на верски организации поврзани со Руската Федерација на територијата на Украина.

Во законот се наведува дека ниту една верска организација која дејствува на украинска територија не смее да има административен центар во Русија, вклучувајќи ја и Руската православна црква, пренесуваат украинските медиуми.

-Имајќи предвид дека Руската православна црква е идеолошко продолжение на режимот на државата агресор, соучесник во воените злосторства и злосторства против човештвото извршени во името на Руската Федерација и идеологијата на рускиот свет, активноста на Руската православна Црквата во Украина е забранета, се вели во текстот на законот.

Според текстот на законот, не се дозволени односи, врски, комуникации на верски организации, вклучително и верски заедници и други правни лица со странски верски организации, чии активности се забранети во Украина.

Законот предвидува формирање комисија која ќе ги истражува потенцијалните врски на верските организации со Москва и која по утврдувањето на фактите ќе има рок од 60 дена да ги прекине, пред случајот да заврши на суд.

Врховната рада предлогот на овој закон во прво читање го усвои во октомври минатата година, а денеска за оваа иницијатива гласаа 265 пратеници. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан