• недела, 24 ноември 2024

Украина усвои закон за автохтони народи, во кои не се вклучени Русите

Украина усвои закон за автохтони народи, во кои не се вклучени Русите
Киев, 2 јули 2021 (МИА) - Украинската Врховна Рада донесе закон за автохтони народи во Украина, со кој Русите не се вбројуваат во таа категорија, пренесува ТАСС. Иницијативата за усвојување на законот дојде од претседателот на Украина Володимир Зеленски, а на вчерашната вонредна седница беше поддржана од 326 пратеници на Радата. Законот ќе стапи во сила откако претседателот ќе го потпише. Законот ги дефинира правата на автохтоните народи на етничките заедници кои настанале на територијата на Украина, кои имаат свој оригинален јазик и култура, традиционални, социјални, културни и репрезентативни тела, се перципираат себеси како изворен народ на Украина, претставуваат етничко малцинство во рамките на населението на земјата, а немаат сопствена земја надвор од Украина. Според ваквата дефиниција на законот, кримските Татари, Караимите и Кримчаците го имаат овој статус на Крим, додека Русите не можат да се сметаат за автохтон народ во Украина. Иницијативата на украинскиот претседател и законот наидоа на широки критики во Русија, а како што изјави заменик-претседателот на руската Државна дума Петер Толстој, тој „брише“ 20 милиони Руси од историјата. Руската православна црква оцени дека таквата одлука може да ги наруши стабилноста и интегритетот на Украина. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова истакна дека проблемот со автохтоното население во Украина е присутен на сите меѓународни дебати и дека се разговара во близок контакт со раководствата на разни меѓународни структури и истакна дека Киев дискриминира милиони Руси со оваа иницијатива . Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека украинскиот закон не е во согласност со нормите на меѓународното хуманитарно право и дека му нанесува сериозна штета на рускиот народ и дека неговите последици може да се споредат со оние оставени од оружјето за масовно уништување. ссм/

Остани поврзан