Украина тврди дека спречила серија руски бомбашки напади во Киев на 9 мај
- Украина денеска соопшти дека спречила руска операција која планирала да изврши серија бомбашки напади во продавници за градежни материјали и во близина на кафуле во главниот град Киев, како и во фабрика за одбранбена индустрија во западниот град Лавов.
Киев, 13 мај 2024 (МИА) - Украина денеска соопшти дека спречила руска операција која планирала да изврши серија бомбашки напади во продавници за градежни материјали и во близина на кафуле во главниот град Киев, како и во фабрика за одбранбена индустрија во западниот град Лавов.
Двајца руски воени агенти се приведени под сомнение за вмешаност во наводниот заговор, а запленети се 19 експлозивни направи, се вели во објава на Телеграм на канцеларијата на украинскиот државен обвинител.
Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека четири бомби требало да бидат активирани во главниот град на 9 мај, кога Русија ја прославувала советската победа над нацистичка Германија во 1945 година.
„Според планот на руската специјална служба, експлозивите требало да бидат активирани за време на шпицот во супермаркетите за да се нанесе максимална штета на цивилното население“, соопшти СБУ на Телеграм. паг/
Фото: ЕПА