• сабота, 23 ноември 2024

Украина: Соборени уште три руски бомбардери Су-34

Украина: Соборени уште три руски бомбардери Су-34

Киев, 29 февруари 2024 (МИА) - Украинската војска соопшти дека соборила уште три руски воени бомбардери Су-34, што е најнов успех што го забележа во борбата против руските воздухопловни сили.

„По успешните борбени операции против непријателските авиони ноќта на 29 февруари, уништени се уште два руски авиони: ловци-бомбардери Су-34 во секторите Авдиивка и Мариупол“, соопшти воениот началник Олександар Сирски преку апликацијата за пораки Телеграм.

Авдиивка во источна Украина, по долга битка, падна во рацете на руските сили овој месец. Русија ја презеде целосната контрола врз југоисточниот пристанишен град Мариупол во мај 2022 година.

Украинската војска минатата недела соопшти дека Русија изгубила шест воени авиони за три дена, потсетува Ал Џезира.

Откако ги доби напредните западни системи за противвоздушна одбрана, украинската војска претставува поголема закана за руската авијација во областите блиску до линиите на фронтот, иако неодамна претрпе неуспеси на источните боишта.

Киев ја обвинува Москва за напади врз цивилни цели, со употреба на Су-34, особено во јужниот регион Херсон, како и за напади на украинските линии на фронтот.

Русија негира дека намерно напаѓа цивили, иако многумина се убиени во нејзините напади. ссм/

фото: архива

Остани поврзан