• четврток, 26 декември 2024

Украина, очекувано, му кажа „не“ на словачкиот премиер: Нема компромис со територијалниот интегритет

Украина, очекувано, му кажа „не“ на словачкиот премиер:  Нема компромис со територијалниот интегритет

Киев, 23 јануари 2024 (МИА) – Официјален Киев, очекувано, го одби предлогот на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој кажа дека Украина треба да и предаде дел од својата територија на Русија за да се стави крај на војната.

„Мора да има некаков компромис. Зошто очекуваат Русите да го напуштат Крим, Донбас и Луганск? Не е реално“, изјави Фицо.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко, одговори дека не може да има компромис за територијалниот интегритет.

„Ниту Украина, ниту Словачка, ниту која било друга земја“, возврати тој. „Украина и нејзините партнери прават напори да ги отстранат Русите од Крим, Донбас и Луганск, за да не одат понатаму, особено во Кошице и Прјашов (два града во источна Словачка) и другите словачки региони“, додаде Николенко, пренесе бриселскиот портал „Политико“.

Напнатата размена на пораки доаѓа на ден пред средбата на словачкиот премиер со неговиот украински колега Денис Шмихал.

Изјавувајќи дека Украина е под „тотално влијание“ на Вашингтон и дека таа е „една од најкорумпираните нации во светот“, Фицо додаде дека истото ќе му го каже и на Шмихал и дека Словачка има намера да стави вето на кандидатурата на Украина за членство во НАТО и да побара запирање на испораките на оружје за Киев.

Претходно, на минатонеделната прес-конференција со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Фицо кажа дека во руската војна против Украина „нема воено решение“.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан