• недела, 24 ноември 2024

Украдена бистата на Славко Јаневски, оштетени на Ацо Шопов и Сергеј Есенин во Струга

Украдена бистата на Славко Јаневски, оштетени на Ацо Шопов и Сергеј Есенин во Струга

Струга, 20 април 2023 (МИА) - Исчезната е бистата на македонскиот поет Славко Јаневски на кејот на реката Црн Дрим во Струга, а на Ацо Шопов и Сергеј Есенин видливо расклатени во обид да се откорнат од постаментите, соопшти денеска националната установа „Струшки вечери на поезијата“.

Според информацијата, вандалскиот чин бил забележан вчера во вообичаена проверка на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим. Кражбата била пријавена во Полициската станица Струга од директорот на СВП, Тодорче Тасевски.

- Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски, како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови, информира СВП.

Апелираат граѓаните и сите почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата.

- Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација, како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата, додаваат во соопштението.

Сличен вандалски чин се случил и на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откорната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. По пронаоѓањето била санирана и вратен на постаментот.  сс/дма/

Фото: Фб на Струшки вечери

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан