• среда, 25 декември 2024

УКИМ ги пречека бруцошите на Првиот академски час: образованието не е само учење, туку животно патување кое не завршува

УКИМ ги пречека бруцошите на Првиот академски час: образованието не е само учење, туку животно патување кое не завршува

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Образованието не е само процес на учење и пренесување знаења, туку е извонредно животно патување кое не завршува никогаш, туку само се надоградува, се менува и се прилагодува со текот на времето. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) бил и ќе остане средина каде се зацврстува и унапредува научната мисла. Сега стоите на прагот на бескрајните можности. Одлуките што ги правите, ќе го обликуваат не само вашиот академски развој, туку и патот по кој ќе се движите во животот, им беше порачано денеска на бруцошите на платото на општествениот кампус на УКИМ, каде се одбележа почетокот на новата академска 2024/2025 година.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р. Биљана Ангелова во своето обраќање пред бруцошите упати порака да ги прифатат сите можности кои им се нудат, нагласувајќи дека започнуваат ново патување исполнето со возбуда, можности, предизвици и раст.

-Одлуките што ги правите, ризиците што ги преземате и издржливоста на која ќе се научите, ќе го обликуваат не само вашиот академски развој, туку и патот по кој ќе чекорите низ животот надвор од овие згради. Ние сме тука за да ве поддржиме, да ве водиме и да ги следиме и славиме вашите големи и мали успеси. Патот кој е пред вас може да биде исполнет со подеми и падови, но знајте дека не сте сами на ова патување. Имате заедница која верува во вашиот потенцијал и е посветена да ви помогне да успеете, нагласи ректорката при обраќањето.

Таа побара од новите студенти да бидат посветени на учењето, да бидат љубопитни и да истражуваат, бидејќи, како што наведе, знаењето е вредност која секогаш и секаде се цени, се вреднува и е предуслов за успех и просперитет.

-Ве уверувам дека ќе работиме заедно, ќе бидеме постојано насочени кон надминување на препреките и совладување на предизвиците. Ќе се стремиме кон подигнување на квалитетот на наставата, на квалитетот на студентските сервиси, преку Центарот за кариера на УКИМ се грижиме за вашето кариерно напредување, а преку Еразмус програмите и другите интернационални соработки ќе ви го доближиме европското образование дома, посочи ректорката Ангелова.

Таа истакна дека Универзитетот бил и ќе остане средина каде се зацврстува и унапредува научната мисла.

 -Наша задача и желба е континуирано да ви ги пренесуваме најновите знаења и да ве воведуваме во нова развојна етапа, која бара сериозен пристап затоа што суштински ќе ви ги дефинира и насочи животите. Чекорите храбро и продолжете да вложувате во своето знаење, бидејќи едноставно, тоа е патот кон успехот“, заклучи ректорката. 

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред бруцошите напомена дека се посветени на конкретни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на високото образование. Како што напомена, планираат значително да го модернизираат инфраструктурниот капацитет на универзитетите.

-Веќе започнуваме со институционални ангажмани за натамошна реконструкција на лабораториите на некои факултети во дел од нашите Универзитети низ земјата, каде ќе се постават најсовремени опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија. Започнуваме и со обликување на проект за дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување, додаде Мицкоски.

Ова, како што посочи, ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието.

-Ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студенти. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување во странски универзитети, со цел да се разменат искуства и да се применат најдобрите практики од светот во нашето образование. Ова ќе ни помогне да го подигнеме нивото на компетентност и иновација во нашите институции. Исто така, важно е да ги поддржиме нашите професори и да ги мотивираме да продолжат со својот научен развој. За таа цел, обезбедуваме зголемени средства за научно истражување и се залагаме за создавање на фондови за поддршка на научните проекти кои ќе го поттикнат развојот на нови технологии и иновации, додаде Мицкоски.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето излагање пред бруцошите подвлече дека учењето е најдобрата инвестиција. Според Сиљановска Давкова, Универзитетот „Кирил и Методиј“ е најдобриот, а не само најстариот Универзитет. 

-Верувам дека и вие верувате оти нема поубаво дома отколку оваа овде. Радосната вест е што денеска 5200 студенти посакале да напредуваат, посакале да учат, да се усовршуваат во оваа дома, нашата заедничка дома. Дури 200 студенти од надвор посакале да студираат кај нас. Тоа покажува дека сме компететивни. Секогаш сум мислела дека Универзитетот е вистинско место за бунтовни луѓе, и дека ние треба да ја поттикнуваме таа бунтовност. Не мислам на бунтовност врзана за војни, мислам на бунтовност во знаењето, мислам за прашања, за потрага по одговори, за потреба по знаење, посочи Сиљановска Давкова.

Според претседателката, ако не се качи процентот за истражување и за образование, тогаш се ограничуваат студентите.

-Ако не го покачиме процентот за истражување и за образование, тогаш сега и вас ве ограничуваме. Она што мене од секогаш ме восхитувало е автономијата на Универзитетот. Не случајно е уставна категорија автономијата. Само автономија може да гарантира вистински натпревар. Само автономија може да негува критичен ум. Кога зборувам за автномнијата, не мислам само на авнтономија во организацијата, не мислам само на автономијата во програмите, мислам на финансиска автономија, подвлече Силјановска Давкова.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ Александар Николовски, во своето обраќање на бруцошите им порача дека искуството што ќе го стекнат на Универзитетот ќе биде уникатно. 

-Во ова патување, ќе слушнете секакви совети, идеи и искуства, но она што сакам да знаете е вашето искуство на универзитетот ќе биде уникатно. Вие ќе бидете капетанот на вашиот брод кој ќе плови низ мирни, но и бурни води. Тоа што мене ми помогна, е што избрав првенствено да го слушам мојот внатрешен глас, да го правам тоа што навистина ме исполнува, односно можноста да се борам за клучни промени во нашето општество. Како претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ и претседавач на Националното Студентско Тело, силно порачувам да се вклучите во нашата работа, затоа што колку повеќе сме општествено активни, колку повеќе заедно работиме, толку повеќе позитивни промени ќе се случуваат, рече Николовски.

Тој додаде дека соработката на УСС-УКИМ со Универзитетот, ресорното Министерство за образование и наука и останатите јавни институции, како и компаниите и невладините организации е на највисоко ниво досега во историјата на студентското организирање.

На свеченоста денеска беа доделени и по еден индекс на еден студент од секој факултет, со што симболично беше прикажано врачувањето на индексите на новата генерација студенти на УКИМ. Бруцошите беа информирани за текот на студиите, како и за студентските организации и поддржувачи на УКИМ кои ќе им бидат од голема корист во текот на студентскиот живот.

Со цел меѓусебно запознавање и дружење, Универзитетот организираше и „УКИМска“ забава на која студенти од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност имаа свој настап. За музичката програма беа задолжени Сиото Џез, Д Рингтонс, Пајак и Луна, како и студентскиот бенд УКИМЦИ.

Формиран во 1949 година со три факултети, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје, денес е заедница од 23 факултети, пет научни институти и четири јавни научни установи, како и придружни членки. бт/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан