УЕФА му изрече 16-месечна суспензија на англискиот судија Кут
- Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) денеска го суспендираше англискиот судија Дејвид Кут на 16 месеци, поради кршење на основните правила за пристојно однесување и омаловажување на фудбалот, а особено на УЕФА.

Лондон, 28 февруари 2025 (МИА) – Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) денеска го суспендираше англискиот судија Дејвид Кут на 16 месеци, поради кршење на основните правила за пристојно однесување и омаловажување на фудбалот, а особено на УЕФА.
На 42-годишниот англиски судија му е забрането да врши каква било активност под покровителство на УЕФА до 30 јуни 2026 година, објавија британските медиуми.
Фудбалската судиска асоцијација на Англија (ПГМОЛ) го отпушти Кут на почетокот на минатиот декември, по темелна истрага за неговото однесување.
ПГМОЛ претходно го суспендираше Кут на 11 ноември, откако на интернет се појави видео, кое останува непроверено, на кое се гледа како Кут навредливо зборува за поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп и за самиот клуб.
Истрагата беше покрената два дена подоцна, откако весникот „Сан“ објави фотографии на кои се гледа како Кут шмрка бел прав користејќи банкнота од американски долар за време на Европското првенство во Германија, еден ден откако беше во ВАР просторијата за четвртфиналниот натпревар Шпанија-Германија.
УЕФА во ноември почна истрага да процени дали Кут ги прекршил дисциплинските правила, а денеска донесе одлука да го суспендира. ег
ФОТО: Икс