• четврток, 26 декември 2024

Угриновски: Објектот „Даре Џамбаз“ на Водно ќе си остане планинарски дом

Угриновски: Објектот „Даре Џамбаз“ на Водно ќе си остане планинарски дом
Скопје, 19 март 2021 (МИА) – Претседателот на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ПФСМ), Јовица Угриновски, денес на прес-конференција информираше за спорот со планинарскиот клуб „Бистра“ околу управувањето со планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно. Тој ги отфрли шпекулациите дека домот ќе биде претворен во ексклузивен ресторан или хотел. - Ги поканивме сите клубови членки на федерацијата за управување на планинарскиот дом на врвот на Водно „Даре Џамбаз“. Основен услов беше да остане неговата сегашна функција - планинарскиот дом. Најповолната понуда е од клубот „Х2О“. Испратени се информации за резултати од конкурсот до сите клубови, по што следуваше жалба од ПК Бистра, рече Угриновски. Тој додаде дека по неколку неуспешни обиди домот да биде примопредаден на „Х2О“, претставници на ПФСМ во присуство на нотар влегле во „Даре Џамбаз“ и безпредтметна е кривичната пријава поднесена до новиот управител со објектот. Претседателот на комисијата за планинарски домови, Живко Темелковски кажа дека до пред извесно време постојано им се продолжуваше договорот на клубот „Бистра“, но во последните години се смени раководството и домот е доведен во лоша состојба. - Тој клуб се сведе на неколку членови кои раководат со домот кој е доведен во состојба на неупотребливост, паднати плафони, пајажини, упропастен инвентар. Бидејќи закупецот не го одржуваше домот тековно, одлучивме да не им го продолжиме договорот во следниот период, рече Темелковски. На крајот, првиот човек на федерацијата, Угриновски, ги повика медиумите да го посетат домот „Даре Џамбаз“ за да видат во каква состојба се наоѓа. Тој изрази уверување состојбата која е „тотална запустена и нехигиена“ со инсталации кои висат по ѕидовите, по само два месеца ќе се смени на подобро. зс/

Остани поврзан