Уапсен претседателот на Фудбалската федерација на Косово поради напад врз службеник
- Косовската полиција објави утрово дека го уапсила претседателот на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), Агим Адеми поради напад врз службеникот на таа институција, Артан Говори, јави допис
Приштина, 17 март 2022 (МИА) – Косовската полиција објави утрово дека го уапсила претседателот на Фудбалската федерација на Косово (ФФК), Агим Адеми поради напад врз службеникот на таа институција, Артан Говори, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение на полицијата се наведува дека приведувањето на Адеми е извршено синоќа, а случајот е оквалификуван како „физички напад“.
- Во координација со државниот обвинител, случајот е заведен како физички напад и лицето е притворено, се вели во соопштението.
Говори вчера изјави дека бил фатен за гуша од страна на Адеми, кој го нападнал откако видел слика на Говори заедно со лице со кое претседателот на ФФК порано имал конфликт.
Медиумите наведуваат дека Адеми и во минатото бил обвинуван за физички пресметки со службеници во ФФК, по што лицата со кои имал конфликти ги разрешувал од должноста.
Во Косово во тек е процедурата за избор на претседател на ФФК. Адеми се бори за втор четиригодишен мандат, а во текот на вчерашниот ден своја пријава, со потребните потписи, доставил и Грамоз Вокри, син на косовската фудбалска легенда и поранешен претседател на ФФК, Фадил Вокри, кој почина во јуни 2018 година. иа/зс/