• среда, 25 декември 2024

Уапсени соработници на бугарскиот тајкун Васил Божков, следеле судии

Уапсени соработници на бугарскиот тајкун Васил Божков, следеле судии
Софија, 5 јули 2020 (МИА) - Специјалниот кривичен суд во Софија им одреди најтешка мерка „притвор под стража“ на Славчо Марков и Веселин Балтов, кои се блиски соработници на бугарскиот тајкун Васил Божков. Двајцата се уапсени вчера во полициска акција, а против нив се покренати обвиненија за вмешаност во криминална група за убиства, изнуда и други тешки кривични дела, организирани од Божков, кој се наоѓа во Дубаи. Судот го потврди барањето на Специјалното обвинителство двајцата обвинети да останат во строг притвор, а одлуката е донесена по долго рочиште зад затворени врати и строги безбедносни мерки. Засега не се познати мотивите на судиите зошто е забранет јавен судски процес, а бранителите на осомничените се пожалиле дека во судницата не е дозволено ниту присуство на претставник од Адвокатската комора на Софија. При извршениот претрес на адреси во една населба во Софија пронајдени се фотографии од судии, како и информации собрани за нив, домашни адреси, користени телефонски броеви и друго. Освен за судии, биле собирани информации и за нивните семејства, вклучувајќи ги и децата. Меѓу фотографиите имало и еден висок функционер на МВР. Еден од документите содржел и упатства за снимање на судија и следење на член од неговото семејство. Обвинителството во Софија покрена истрага против Божков во врска со лажирање игри на среќа, а тој е обвинет по седум точки за криминално дело. Тој во февруари беше уапсен во Обединетите Арапски Емирати. Списанието „Впрост“ (Wprost) во 2008 година го прогласи бугарскиот олигарх и бизнисмен за најбогат Бугарин со богатство од 1,35 миијарди евра, но неофицијално се претпоставува дека неговата финансиска состојба изнесува над 6,5 милијарди евра. Божков е познат по прекарот „Череп“, а во внатрешната коресподенција на Стејт департментот е определен како „најозлогласениот криминалец во Бугарија“. Во 1991 година Божков станува партнер во компанијата за игри на среќа Еј Џи Ем. Отвора казино во хотелот „Рила“ во Софија, а во 2007 година е сосопственик на казината во „Радисон САС“ и „Хемус“, како и на сали за бинго. Во 2006 година тој го купува поранешниот Фонд за приватизација „Холдинг Патишта“. Главен акционер на „Холдинг Патишта“ е „АБВ Инженеринг“, кој, пак, е сопственост на „Нова интернал“, ќерка-компанија на „Нова холдинг“, сопственост на Божков. Преку „Нова холдинг“ Божков купува голем дел од регионалните државни фирми за изградба на патишта. гт/

Остани поврзан