• вторник, 19 ноември 2024

Уапсени осум лица при инцидент во британскиот Парламент

Уапсени осум лица при инцидент во британскиот Парламент
Лондон, 2 септември 2022 (МИА) - Лондонската полиција денеска уапси осум лица, активисти на климатското движење „Extinction Rebellion" кои искористија организирана тура низ британскиот Парламент, за со супер-лепак да се залепат околу катедрата на спикерот на Долниот дом на Собранието. Четворица демонстранти кои беа меѓусебно залепени набргу беа раздвоени и уапсени, мебелот на претседавачот во Парламентот не е оштетен. Упасени се уште четири лица, од кои еден се искачил на скеле пред зградата, друг се залепил за тротоарот пред Парламентот, а останатите двајца се заклучиле со катинар за портата пред влезот во Собраниската зграда. Неколку лица се фотографирани како испишуваат пароли пред Законодавниот дом. Групата преку својот Твитер профил објави фотографија на пет лица во аудиториумот како држат транспаренти на кои пишува „Нека одлучи народот“; и „Граѓанско собрание – сега“. Во инцидентот инициран од „Extinction Rebellion" биле вклучени 50 активисти на групата. аб/

Остани поврзан