• среда, 25 декември 2024

Уапсени Американци кои илегално извезувале технологија во Русија

Уапсени Американци кои илегално извезувале технологија во Русија

Вашингтон, 3 март 2023 (МИА) - Американските власти соопштија дека уапсиле двајца мажи обвинети за долгогодишна пракса на илегален извоз на технологија во Русија, заобиколувајќи ги законите за извоз наметнати по руската инвазија на Украина.

Тие се осомничени за испорака на западна авионска опрема на руски компании и за поправка на опрема што се користи во авиони од руско производство, наведува американското Министерство за правда.

Од 2020 година, двајцата се здружиле за да ги избегнат извозните закони со прикривање и погрешно претставување на крајните корисници, вредности и дестинации на нивниот извоз и со претовар на предмети во трети земји, се вели во соопштението.

Во еден случај, тие го прикриле вистинскиот корисник и дестинација со издавање лажна фактура, во која Германија била наведена како крајна дестинација. Во други случаи, авионската електроника била испратена преку Ерменија и Кипар во Русија без да се добијат потребните дозволи.

Обвиненијата се однесуваат на заговор, извоз на контролирана стока без дозвола, фалсификување и неисполнување на електронски податоци за извоз и шверц на стоки спротивно на американскиот закон. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна од пет до 20 години по секоја точка.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, САД и нивните сојузници воведоа остри санкции кон Москва за да ја ослабат руската економија и да им отежнат набавка на материјали за војната. паг/

 

Остани поврзан