• четврток, 26 декември 2024

Уапсените за наводна изборна измама во БиХ пуштени на слобода

Уапсените за наводна изборна измама во БиХ пуштени на слобода
Сараево, 2 декември 2020 (МИА) – Лицата кои полицијата во Босна и Херцеговина вчера ги уапси поради сомнение за учество во злоупотреби поврзани со локалните избори одржани на 15 ноември, денеска се пуштени на слобода, потврди портпаролот на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), Лука Миладиновиќ. Тој вчера изјави дека три лица биле приведени при претреси во областите Сребреница и Тузла, а операцијата била нарачана од државното обвинителство. Миладиновиќ денеска рече дека „по сослушувањето во својство на сведоци, тие се ослободени“, бидејќи, како што истакна, нема основа за нивно натамошно притворање. Исто така, се наведува дека Обвинителството на БиХ не побарало никакви мерки против уапсените. - СИПА ќе достави извештај до Обвинителството на Босна и Херцеговина во наредниот период, рече Миладиновиќ. „Незаконитостите што се испитуваат се однесуваат на изборниот процес во 2020 година и наводи за манипулации и незаконитости поврзани со пријавите на граѓаните за гласање од странство“, соопшти вчера Обвинителството на БиХ. Локалните медиуми објавија дека се приведени лица осомничени за злоупотреба на личните податоци на гласачите од Сребреница, кои без нивно знаење ги пријавиле за гласање преку дописи од странство односно од Србија. Најавено е дека ЦИК на својата седница во четврток ќе го поништи изборниот резултат во Сребреница и ќе распише нови избори. паг/      

Остани поврзан