• четврток, 26 декември 2024

Уапсениот втор човек на Златна зора на пат кон затворот Домокос

Уапсениот втор човек на Златна зора на пат кон затворот Домокос
Атина, 2 јули 2021 (МИА) – Под силни безбедносни мерки, од Обвинителството во Атина, каде што му беше соопштена затворската казна, вториот човек на неонацистичката Златна зора и поранешниот пратеник од партијата Христос Папас, е на пат кон затворот Домокос во централна Грција, каде што се и неговите сопартијци, јави дописничката на МИА од Атина. Папас по над осум месеци бегство, доцна синоќа беше уапсен во атинска населба, а во Домокос ќе ја издржува затворската казна од 11 години и девет месеци. Кон крајот на октомври минатата година кога судот во Атина ги соопштуваше пресудите и казните за членовите на Златна зора, 59-годишниот Папас успеа да им побегне на властите. Осуден е на 13 години и три месеци затворска казна поради формирање и учество во криминална организација, а со оглед на тоа дека беше уапсен пред почетокот на рочиштето во 2015 година и веќе помина 18 месеци во затвор, казната е за една и пол година помала. Иако во изминатиот период во грчките медиуми се споменуваше дека Папас ја напуштил Грција и се крие во некоја од балканските земји, сепак беше уапсен во Атина. Се криел во домот на 52-годишна жена со потекло од Украина, која исто така е уапсена и беше изведена пред јавен обвинител. Портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелон, синоќа рече дека со „апсењето на Христос Папас, конечно се затвора поглавјето на криминалната организација“. ср/сд/ Фото: АНА-МПА

Остани поврзан