• среда, 27 ноември 2024

Туск: Полска ќе се приклучи на Европското обвинителство

Туск: Полска ќе се приклучи на Европското обвинителство

Варшава, 27 декември 2023 (МИА) - Полска ќе се приклучи на Европското јавно обвинителство - независна и децентрализирана обвинителска служба на Европската унија. Оваа одлука, меѓу другото, ќе ја олесни контролата врз европските фондови доделени на земјата, објави денеска премиерот Доналд Туск.

Советот на министри во Варшава даде зелено светло „за итно известување“ за пристапувањето, рече Туск по состанокот на владата.

-Оваа одлука „исто така треба да го олесни примањето и користењето на европските фондови, побрзо, потранспарентно и во согласност со правилата, изјави Туск пред новинарите.

Приклучувањето кон Европското јавно обвинителство беше дел од предизборните ветувања на проевропските сили пред изборите во октомври. Новата влада беше формирана кон средината на овој месец.

Претходната влада одби да се приклучи на Европското јавно обвинителство, бидејќи веруваше дека оваа структура може да се меша во овластувањата на националната правда и на тој начин да го ограничи суверенитетот на земјата.

Канцеларијата на европското јавно обвинителство, со седиште во Луксембург, работи со обвинители од земјите-членки и е одговорно за истрага на злосторствата кои влијаат на финансиските интереси на ЕУ (измама со ДДВ, злоупотреба на фондови на ЕУ, корупција, перење пари).

Досега 22 земји се приклучија на Европското јавно обвинителство. Регулативата за формирање на Европското јавно обвинителство по процедура за засилена соработка беше донесена на 12 октомври 2017 година и стапи во сила на 20 ноември 2017 година. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан