• сабота, 23 ноември 2024

Турција тврди дека напаѓачот во Анкара бил член на ПКК

Турција тврди дека напаѓачот во Анкара бил член на ПКК

Анкара, 24 октомври 2024 (МИА) - Еден од вооружените напаѓачи кој загина во нападот на турската државна одбранбена компанија ТУСАШ во близина на Анкара е идентификуван како припадник на забранетата Курдска работничка партија (ПКК), изјави денека функционер на турската влада.

Министерот за внатрешни работи, Али Јерликаја, на социјалната платформа Икс објави дека идентитетот на вториот напаѓач, кој исто така е ликвидиран, сè уште се истражува.

ПКК, која Анкара, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка организација, не ја презеде одговорноста за вчерашниот напад.

Двајцата напаѓачи – маж и жена – убија пет лица, главно вработени во  Турската воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАШ), и ранија 22 лица.

ТУСАШ е државна компанија за оружје и авио-технологија со седиште во близина на Анкара. Оваа компанија произведува воени и цивилни авиони и хеликоптери, како и системи за беспилотни летала за турските вооружени сили и за странски пазари.

Напаѓачите беа убиени од страна на припадници на безбедносните сили.

Турските медиуми објавија дека напаѓачите стигнале на местото на нападот со такси, а возачот бил убиен. Тие влегле во седиштето на компанијата со ранци на грбот и пушки.

Турција во текот на ноќта започна нови воздушни напади врз милитанти на ПКК во северна Сирија и Ирак, убивајќи 59 милитанти, како одговор на тој напад, соопшти денеска Министерството за одбрана. ссм/

Остани поврзан