• четврток, 26 декември 2024

Турција подготвува нов мировен план за Украина

Турција подготвува нов мировен план за Украина

Анкара, 12 април 2024 (МИА) - Турција сака да ја замрзне војната во Украина на повеќе од една деценија со својата нова мировна иницијатива, пишуваат денеска медиумите.

Рускиот весник „Новаја газета Европа“, повикувајќи се на свои извори, наведува дека планот, што е претставен со поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, веќе им бил доставен на Киев и Москва.

Најважните точки од документот се: САД и Русија ветуваат дека нема да користат нуклеарно оружје под никакви услови и ќе се вратат на Новиот СТАРТ договор за нуклеарно разоружување; конфликтот во Украина ќе биде замрзнат според сегашните линии на бојното поле; во 2040 година Украина со референдум ќе одлучува за правецот на својата надворешна политика, но дотогаш нема да влезе во НАТО.

Истовремено, референдуми ќе се одржат и под меѓународен надзор на териториите окупирани од Русија, се наведува во планот. Завојуваните страни ќе разменуваат заробеници, а Русија нема да се противи на влезот на Украина во ЕУ, се наведува во него.

Во јуни е планирана голема мировна конференција во Швајцарија. Според весникот, турската иницијатива најверојатно нема да биде прифатена. На пример, планот значително отстапува од барањата на Киев, кој инсистира на целосно повлекување на руската армија од украинска територија.

Москва, која зазема околу една петтина од соседната земја, неодамна постави дополнителни територијални барања за Украина откако ја подобри сопствената ситуација на бојното поле, пренесува N1.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан