• среда, 25 декември 2024

Турски медиуми: „Коч Холдинг“ влегува во Вардар 

Турски медиуми: „Коч Холдинг“ влегува во Вардар 
Истанбул, 22 јуни 2021 (МИА) – Турскиот бизнисмен Али Коч е сериозно заинтересиран да влезе со сопствен капитал во Вардар и од најтрофејниот македонски фудбалски клуб да создаде филијала на гигантот Фенербахче, кој е во негова сопственост, јавија денеска локалните медиуми. Турскиот весник „Ајанспор“ објави дека намерата на Коч е Вардар да биде „пилот“ тим на Фенербахче, кој во македонската екипа би испраќал млади и талентирани фудбалери да стекнуваат искуство. Според истиот извор, Коч се одлучил на таков чекор, откако Турската фудбалска федерација повеќе од една и пол година не одговорила на предлогот на Фенербахче за формирање национална резервна лига. Коч на почетокот на овој месец првпат ја објави намерата да формира странска филијала на Фенербахче, еден од најтрофејните турските клубови, кој е во сопственост на најголемиот индустриски конгломерат во земјата „Коч Холдинг“. - Ако имаме „свој“ клуб (во странство) таму ќе можеме да тестираме и развиваме многу наши фудбалери, изјави неодамна Коч за турските медиуми. Вардар е во тешка финансиска состојба, која најтрофејниот македонски клуб минатата сезона го доведе да го загуби прволигашкиот статус и од следната сезона првпат во својата историја да игра во Втората македонска фудбалска лига. Вардар преку Фенербахче во 2017 година го постигна својот најголем успех на европската сцена, кога во плејофот во Лига Европа го елиминираше турскиот гигант и стана единствениот македонски клуб кој настапил во групната фаза во еврокуповите. ег/вј/  

Остани поврзан