• среда, 18 декември 2024

Турски гигант го враќа Мурињо на аут линијата

Турски гигант го враќа Мурињо на аут линијата

Истанбул, 14 март 2024 (МИА) - Жозе Мурињо може многу брзо да се врати на теренот бидејќи турскиот гигант Фенербахче сака да го ангажира како тренер. Португалецот е без работа од јануари кога доби отказ од Рома.

Според „Калчо Меркато“, Фенербахче се надева дека присуството на поранешните играчи од Серија А, Един Џеко и Леонардо Бонучи во нивниот тим ќе помогне да се убеди Специјалниот да дојде во Турција. Доколку Мурињо се согласи, тој повторно ќе се обедини со Фред, кого го водеше како менаџер на Манчестер Јунајтед.

Во последните недели беше објавено дека Португалецот исто така би можел да се врати во Премиер лигата, а Жозе се поврзува со Њукасл, Манчестер Јунајтед и Челси.

Фенербахче има силна сезона досега и е во битка за титулата со големиот истанбулски ривал Галатасарај. „Фенерите“ во моментов се на два бода од „Чим Бом“.

„Калчо Меркато“ пренесува дека турскиот клуб ќе биде немилосрден доколку ја загуби титулата оваа сезона и го гледа Мурињо како последно парче од сложувалката за да ги однесе до првото место. дс

Фото: Архива

Остани поврзан