• четврток, 26 декември 2024

Туркаљ за МИА: Реформите во судството не се за ЕУ, туку за граѓаните

Туркаљ за МИА: Реформите во судството не се за ЕУ, туку за граѓаните

Скопје, 31 март 2024 (МИА) - Судството не треба да го реформирате само заради Европската Унија, туку првенствено за за граѓаните и треба да бидете искрени во тие реформи. Процесот на реформи треба да се искористи да се направи правосудството пофункционално, независно и непристрасно - значи тоа да биде во служба на граѓаните, порачува во интервју за МИА Кристиан Туркаљ, хрватски правен експерт за Западен Балкан и поранешен главен преговарач за Хрватска за Поглавјата 23 и 24.

-Кога се размислува за тоа или кога се зборува за исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, сепак првенствено треба да се размислува кога ќе се реформира судството дека тоа се реформира за власта и граѓаните, да се биде искрен во тие реформи и навистина да се искористи овој процес за да се направи правосудството пофункционално, независно и непристрасно. Значи тоа да биде во служба на граѓаните. Честопати имавме чувство дека некои услови се исполнуваат само за да се задоволила Европската Унија. Ако се прави тоа, тогаш тоа е погрешен мотив, бидејќи всушност Европската Унија нема примарно да ги користи услугите на вашето судство, туку ќе ги користат вашите граѓани, нагласува Туркаљ за МИА.

Туркаљ во четвртокот беше гостин на сесијата на Работна група – 4, Поглавје 24 Правда, слобода и безбедност, на Националната конвенција за Европска Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК), што се одржа во организација на Европското движење. Тој порачува дека клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во земјава, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, со цел да се спроведат тешки реформи. 

Тој за МИА исто така вели дека ако повторно се преговара за нова Преговарачка рамка, тоа значи губење уште многу години за државава и враќање на евроинтегративниот процес од почеток.

На прашање на МИА дали во ЕУ се можни ситуации за промена на Преговарачка рамка, како што тоа го бара опозицијата и дополнително на тоа уставните измени да имаат одложено дејство, односно кога ќе ги затвориме поглавјата, Туркаљ вели дека се зависи од тоа што сака политичката елита - дали Северна Македонија забрзано да влезе во ЕУ или повторно да преговара за нова рамка.

-Значи, тоа зависи од тоа што сака Македонија, дали вашата политичка елита сака Македонија забрзано да влезе во Европската Унија или сака повторно да преговара за нова преговарачка рамка, што значи да го враќа процесот на почеток, нагласи Туркаљ.

Според него, теоретски се е можно, секако, вели, кога се преговара секогаш треба да се води сметка дека се преговара со 27 држави-членки.

Во продолжение следува целото интервју, заедно со видео-материјалот.

Вие ги водевте преговорите на Хрватска за едно од најважните поглавја, тоа беше Поглавјето 23 за правосудство и основни права. Какви беа условите за преговарање тогаш, а какви се сега?

-Јас ги водев Поглавјата 23 и 24. Тие денеска се две најважни поглавја. Во наше време во преговорите на Хрватска тие две поглавја конечно се искристализираа како оние од кои зависи влегувањето на државите во членството на Европската Унија. Денес тие две поглавја со новата методологија добија дополнителна тежина, бидејќи од нив зависи целиот напредок на преговорачкиот процес. Во случај на стагнација, значи не назадување, туку само стагнација, Комисијата може да предложи замрзнување на преговорите. Исто така, во случај напредокот на реформите во тие две поглавја не оди со иста брзина како во останатите поглавја, да речеме да сте побрзи во животната средина, во пазарната економија а овде сте пребавни, тогаш Европската комисија исто така може да предложи да се прекинат преговорите. Тоа покажува колкав е товарот на носечките институции што ги носат овие две поглавја - Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи во овој преговарачки процес.

Во своите изјави велите дека една од најважните работи за стекнување на независност на судството е политичкиот консензус. Успеа ли Хрватска да постигне консензус на ова поле?

- Консензусот сметам дека е најважна работа, на едно ниво тоа е политичкиот консензус. Кога велам политички, тоа значи се сите актери, значи сите водечки политички партии, партиите кои треба да се договорат околу тоа дека навистина сакаат да ја внесат земјата во Европската Унија. Покрај овој консензус, исклучително е важно да постои консензус со клучните чинители во правосудството, бидејќи овие тела се независни. Тоа значи дека постои некакво меѓусебно разбирање меѓу судството, обвинителството, правобранителството и Министерството за правда, односно Владата, извршната власт, околу тоа дека реформите треба да се спроведат. Мислам дека овде за илустрација би рекол дека пред почетокот или на самиот почеток на пристапните преговори, ние бевме соочени со голем проблем што секоја институција, на пример во гонењето на организиран криминал и корупција, вперуваше со прст во слабостите на другите институции, што значи полицијата во обвинителството, обвинителството во полицијата или во судот, судот во двете за неработење на својата работа. Откако тоа престана и почнаа да соработуваат, а не да се обвинуваат, тогаш можевме да спроведеме реформи.

Хрватска веќе 11 години е членка на Европската Унија. Што се смени во оваа една деценија и повеќе, кои придобивки најмногу ги почувствуваа граѓаните?

-Мислам дека е најважно што благодарение на членството во Европската Унија е овозможен побрз раст, економски раст на Република Хрватска, што значи дека ние со забрзано темпо го достигнуваме просекот со забрзано темпо. Значи ние економски бевме на крајот на Европската Унија, а сега полека се приближуваме кон стандардот на просекот на Европската Унија. Тоа е возможно токму поради кохезивната политика на Европската Унија, која се обидува да ги развие сите региони на ЕУ. Мислам дека е исто така исклучително важно нивото на толеранција кон другите и разликите во Хрватска е подигната на повисоко ниво. Исто така, сметам дека чувствителноста на корупција, непотизмот и слични појави е многу поголема и дека граѓаните многу потешко ги поднесуваат таквите појави.

Дали со членството во ЕУ има корупција, што е сега поразлично, дали се ефикасни механизмите за борба против корупција во Хрватска?

- Мислам дека клучните промени се случија во процесот на пристапување. Значи, тогаш стапи вистинската одлучност да се започне со соочување со проблемот со корупцијата. На почетокот, негирање на проблемот и јас како преговарач морав да разговарам со бројни институции. Значи, прво, во однос на превенцијата, бидејќи мислам дека спречувањето на корупцијата е клучот за намалување на ризикот од појава на корупција воопшто. Значи, кога и да се јавев во некое министерство, првиот одговор беше - нема таков проблем кај нас. Ова е показател кога некој така мисли дека постои голем проблем. Откако ќе помине таа фаза, се тргнува со барање решенија како да се намали можноста да дојде до корупција и на крај секако зајакнување на репресивниот апарат, тука мислам на полицијата, обвинителството, судовите, да станат обучени за ефикасно процесуирање на корупцијата. Во Хрватска по членството не можеме да кажеме дека повеќе нема корупција. Она што можеме да го посведочиме е дека во изминатиот мандат на Владата, голем број министри беа гонети за различни дела на криминал или корупција, што значи дека иако биле министри, иако биле на позиција на моќ, тоа не го спречи Обвинителството да покрене одредени процеси. Мислам дека и ова исто така е показател за зголемено ниво на развиеност во борбата против корупцијата.

Кои искуства ќе ги препорачате на Северна Македонија во областа на реформите на правосудството и владеењето со правото?

-Па, на некој начин би рекол дека кога се размислува за тоа или кога се зборува за исполнување на критериумите за членство во Европската Унија, сепак првенствено треба да се размислува кога ќе се реформира судството дека тоа се реформира за власта и граѓаните, да се биде искрен во тие реформи и навистина да се искористи овој процес за да се направи правосудството пофункционално, независно и непристрасно. Значи тоа да биде во служба на граѓаните. Честопати имавме чувство дека некои услови се исполнуваат само за да се задоволила Европската унија. Ако се прави тоа, тогаш тоа е погрешен мотив, бидејќи всушност Европската Унија нема примарно да ги користи услугите на вашето судство, туку ќе ги користат вашите граѓани.

Ние сме во предизборен период. Опозицијата вели дека има услови да се смени преговарачката рамка која во сегашната форма предвидува уставни измени и тие да имаат одложено дејство откако Македонија ќе влезе во Европската унија или кога ќе ги затвориме поглавјата. Сте учествувале во преговарачки процес. Дали вакви ситуации се можни на промена на преговарачка рамка?

-Значи, тоа зависи од тоа што сака Македонија, дали вашата политичка елита сака Македонија забрзано да влезе во Европската Унија или сака повторно да преговара за нова преговарачка рамка, што значи да го враќа процесот на почеток. Теоретски се е можно, секако кога се преговара секогаш треба да се води сметка дека се преговара со 27 држави-членки. Свесни сте колку беше тешко да се постигне договор за отворање на преговорите за Македонија. Веројатно сте свесни и колку труд вложи нашиот премиер за да ги убеди колегите од Европската Унија дека треба да се започнат преговори со Македонија. Да се отвора таа приказна уште еднаш, значи да се вратат работите на почеток. Ова може да значи губење уште многу години за Македонија.

Неда Димова Прокиќ

Фото: Фросина Насковиќ

Видео: Аслан Вишко

 

 

 

Остани поврзан