• четврток, 26 декември 2024

Туристичко угостителската комора најави протест сè до исполнувањето на барањата за помош на секторот

Туристичко угостителската комора најави протест сè до исполнувањето на барањата за помош на секторот
Скопје, 15 април 2021 (МИА) - Се бара помош за сите угостителски објекти, секој е подеднакво важен и не смее некој да остане без неопходна помош во овие најтешки периоди за угостителството, затоа од понеделник 20 април излегуваме заедно како сектор на протести и ќе останеме пред институциите сè до моментот додека нашите барања не бидат во целост прифатени, изјави потпретседателот на Туристичко угостителската комора Мартин Ангеловски на денешната прес-конференција пред Сојузот на стопански комори. ТУК бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, за кои велат дека со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места, туку ниту за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители. Притоа, потенцираа дека под помош не сметаат понуди од Владата за користење кредити од Развојна банка бидејќи според нив тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаат два. - Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните над 100 категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа, истакна Ангеловски. Барањата вклучуваат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во три категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година. - Бараме утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не ни дозволи Владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор. Ако може Владата на нас со уредба да ни забрани да работиме, може со уредба да утврди банките додека не работиме да не ни ја цицаат крвта и да нè задолжуваат заканувајќи ни се дека ќе останеме на улица без дом и егзистенција, побара Ангеловски. Од ТУК заклучуваат дека не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти, а веќе ни основна помош не е доволна за да преживеат луѓето кои работат во овој сектор, затоа, според нив, нема повеќе простор за чекање. Барањето за еднократна финансиска помош кое го упатиле до Владата е за износ од 300 илјади до милион денари. ар/скс/    

Остани поврзан