• среда, 25 декември 2024

Тупанчевски: Прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја е од комерцијално значење за развојот на сите држави насочени кон прекугранична размена

Тупанчевски: Прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја е од комерцијално значење за развојот на сите држави насочени кон прекугранична размена
Скопје, 30 јуни 2022 (МИА) - Имајќи ги предвид заложбите на Владата на Република Северна Македонија за поддршка на вредностите што се пренесуваат за подобрување на бизнис климата и деловната средина за оптимално работење, како и стратешките проблеми на Министерството за правда за унапредување на концептот во областа на прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја, би сакал да истакнам дека „прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја е од комерцијално значење за развојот на сите држави насочени кон прекугранична размена“, рече министерот за правда Никола Тупанчевски во денешното обраќање на Регионалниот форум на тема „Хашката конвенција 2019-Очекувања за Западен Балкан“. Овој форум се одржува под покровителство на Германската асоцијација за меѓународна соработка (ГИС), Центарот за меѓународна правна соработка, Хашката конвенција за меѓународно приватно право и Интернационалната унија на судски извршители и има за цел меѓусебно споделување на соодветните искуства од областа на прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја, како и искуствата поврзани со признавање и извршување на странските судски пресуди. - Разликите во националните прописи и практики во светот резултираат со несигурност и непредвидливост во однос на тоа дали определени права применети од надлежните органи ќе бидат признаени и извршени во друга држава. Таквата несигурност и непредвидливост е проследена со зголемени трошоци пробиени рокови и дополнителни ризици, со што се редуцира и оневозможува пристапот до правда, а со тоа се зголемува и ризикот на меѓународната трговија, размена на стоки и услуги. Во овој контекст Министерството за правда како една од целите што јасно ги има зацртано е обезбедување зголемена правна сигурност и подобрување на условите на сите чинители во овие комплексни прекугранични односи, изјави Тупанчевски. Овие цели, како што посочи, се остваруваат во неколку претставки и тоа со донесување на новиот Закон за меѓународно приватно право што значително ја подобри и модернизираше прекуграничната соработка во граѓанската и трговската материја. Второ, со зголемување на правната сигурност што е гарантирана со повеќе билатерални договори што државата ги има склучено со повеќе држави од регионот, како и билатерални договори што согласно член пет од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Северна Македонија се преземени како републички прописи. И како трето, министерот за правда ја посочи јасната определба да не се губат добрите односи со Хашката конференција за МПП, каде на универзално ниво се врши прогресивна унификација на меѓународното приватно право. - Процесот на хармонизирање на домашното законодавство со законодавството на ЕУ останува приоритет на државата. Хашката конференција сега ни нуди заедничка платформа каде сите ние можеме да соработуваме. Хашката конференција за признавање и издржување на странски пресуди од 2019 година создала особен интерес на Министерството за правда. Како за илустрација на проблематиката, до Министерството, како централен орган за определен за повеќе билатерални договори, значително е зголемен бројот на барањата што се доставуваат за признавање и извршување на судски одлуки на странски органи од страна на нашите судови и одлуки донесени од домашен суд што треба да се признаат и извршат во странска држава, истакна Тупанчевски во своето обраќање. Според него, во правец на подобрување на правосудната соработка во областа на граѓанско и трговско право Северна Македонија ја смета за особено значајна иницијативата за пристапување на земјите од регионот. - Сметаме дека со пристапувањето кон неа ќе се подобри правосудната соработка во областа на граѓанското и трговското право помеѓу државите така што ќе се постават стандарди кои ќе го остварат признавањето извршувањето на судските одлуки, додаде тој. За крај, министерот за правда истакна дека унапреднатото меѓународно приватно право претставува израз на државите за обезбедување сигурност во сите сфери на општественото живеење и овозможува регионот да стане простор за живеење на граѓани кои се чувствуваат безбедност. ки/са/  

Остани поврзан