• вторник, 24 декември 2024

Тупанчевски: Илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил

Тупанчевски: Илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил
Скопје, 18 февруари 2022 (МИА) - Советот на јавни обвинители откако постои не изрекол ниту една дисциплинска и не разрешил ниту еден обвинител. Илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил, изјави вечерва министерот за правда Никола Тупанчевски во емисијата „Вин-вин“ на телевизија Телма. Министерството за правда, посочи Тупанчевски, само создава оптимални услови за работа и не е негова надлежност оценувањето на работата на јавните обвинители и судии. Тој смета дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да бидат главните фигури со капацитет, храброст и доблест да се занимаваат со квалитетот на работата на судиите и јавните обвинители. - Очекувам во иднина и ги охрабрувам членовите на Советот на јавни обвинители да бидат на ниво на задачата, затоа што досегашното искуство покажува дека тој ќе треба малку повеќе да се заложи, бидејќи илузорно е да очекуваме дека во 30 години ниту еден обвинител не погрешил ... Само треба да се каже уште еднаш дека и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители дефинитивно треба да бидат на ниво на задачата и ингеренциите кои што им се дадени со Устав, изјави Тупанчевски. Јавното обвинителство, рече Тупачевски, подготвува годишни, полугодишни, месечни извештаи и не може обвинителите да не знаат што се случува во нивниот работен дом и како постапуваат останатите нивни колеги. Посочи дека одредбата за злоупотреба на службена положба и овластување како професор ја нарекувал „рисајкл бин“ - бидејќи, како што рече, ако не знаете за што да обвините, повелете употребете злоупотреба. - Прееластична е и дава сериозен комодитет на субјектите кои правораздаваат да интерпретираат како може да се примени. Доколку се погледне казнената политика за службена положба и овластување, ќе видите една сериозна контрадикторност, бидејќи најголем дел од пресудите се условни, изјави Тупанчевски. аа/бак/

Остани поврзан