• сабота, 28 декември 2024

Тупанчевски за МИА: Соработката со Србија може да биде подобрена во секоја форма

Тупанчевски за МИА: Соработката со Србија може да биде подобрена во секоја форма

Белград, 4 февруари 2024 (МИА) - Моето присуство во Србија ќе значи уште една додадена можност и додадена вредност за добрите односи меѓу овие две соседни и пријателски држави. Соработката може да биде подобрена, да биде потврдена, како на културен, економски, академски поглед, така и во секоја друга форма на соработка, изјави за МИА новоименуваниот вонреден и ополномошен амбасадор на Северна Македонија во Белград, проф.д-р Никола Тупанчевски кој во петокот на српскиот претседател Александар Вучиќ, на свечена церемонија му ги предаде акредитивните писма.

Со ова проф.д-р Никола Тупанчевски, по пауза од седум години, стана шестиот македонски амбасадор во Србија.

Тој е долгогодишен професор на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“’ во Скопје, доктор на правни науки и професор во областа на казненото право.

Во периодот од јануари 2022 до 2023 година беше министер за правда.

По предавањето на акредитивните писма, МИА направи видео интервју со амбасадор Никола Тупанчески во Белград, коешто го пренесуваме во целост.

Г-не Тупанчевски, после седум години Северна Македонија има амбасадор во Белград, Србија. Како ги оценувате односите меѓу двете држави?

-Самата посета во последниве десетина денови на претседателот на Србија, Александар Вучиќ на нашата држава преставува потврда и верификација на добрите односи што беа воспоставени со иницирање на проектот Отворен Балкан. Во таа насока, моето присуство во Србија ќе значи уште една додадена можност и додадена вредност за добрите односи меѓу овие две соседни и пријателски држави. Во таа насока, сметам дека соработката може да биде подобрена, да биде потврдена, како на културен, економски, академски поглед, така и во секоја друга форма на соработка.

На економско поле, со иницијативата Отворен Балкан се отвараат нови можности. Дали тука ќе го ставите акцентот на Вашите активности?

-Се разбира. И во моментов се започнати одредени процеси што треба да се надградат и да преставуваат добра можност за стопанствениците и од едната и од другата страна, без никакви бирократски пречки да ја обавуваат својата дејност.И последниве денови имаме потврда на тоа дека навистина постапките и процедурите се поедноставуваат, со тоа што доаѓа период каде српските и македонските стопанственици ќе имаат можност да ги постигнат своите резултати и да ја потврдат соработката меѓу двете држави.

Малцинствата се спона меѓу двете држави, а во Србија постои македонско малцинство. Дали на тоа поле ќе преземете активности?

-Наши државјани и македонското малцинство во Србија е бројно и тие и досега ги остваруваа своите права, и еве уште една можност да продолжиме и натаму со нивното позиционирање во српското општество и во доплнителното остварување на оние работи што досега ги немаат остварено. Меѓутоа она што загрижува во овој момент е што меѓу последниот попис и претпоследниот попис, во оваа временска рамка, голем број Македонци веќе не се составен дел од оваа држава. Не навлегувам во причините затоа што тоа е веројатно балкански синдром, каде што младите луѓе заминуваат во други држави трагајќи по нови можности, но дефинитивно таквиот тренд би требало да застане, да се запре и истовремено да се афирмираат сите вредности кои што имаат европски стандард.

Едно од барањата на македонците во Србија е повторно отварање на Лекторат по македонски јазик, како и отварање на Културно Информативен Центар на Северна Македонија во Белград.

-Ова е точно. Во моите тези кои што ги бранев и во нашето Собрание и во Министерството за надворешни работи овие два сегменти посебно ги апострофирав, Лекторатот и Културно Информативниот Центар или КИЦ. Тие се навистина сериозни алатки, механизми за афирмација на вредностите на македонската држава.

Оливер Бранковиќ

Остани поврзан