• среда, 25 декември 2024

Тунтев: Летањето со авион станува сè побезбедно

Тунтев: Летањето со авион станува сè побезбедно
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Летањето со авион станува побезбедно со секоја година што изминува. Тоа, како што наведува директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев, може да се заклучи од годишните статистичките податоци што ги објавуваат релевантните меѓународни организации и здруженија од областа на воздушниот сообраќај и транспорт. Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO – International Civil Aviation Organization) неодамна го објави својот најнов извештај за безбедноста на воздушниот сообраќај во глобални рамки. Според податоците во извештајот, воздухопловната индустрија во 2021 година бележи намалување на бројот на авионски несреќи за 9,8 проценти во споредба со 2020 година, а бројот на жртви е помал за 66 проценти на годишно ниво. -Намалувањето на овие бројки уште повеќе добива на значење, ако се земе во предвид фактот дека вкупниот број на комерцијални патнички летови на глобално ниво во 2021 година бележи зголемување од 11 проценти во однос на 2020 година Ваквите значителни подобрувања на безбедноста во авиосообраќајот се резултат на зедничките напори, активности и постигнувања што се реализирани од страна на сите субјекти во авиоиндустријата, вели Тунтев, во осврт за безбедноста на воздушниот соообраќај. Општиот тренд во авиосообраќајот во сите изминати години на неговиот глобален развој, потенцира директорт на АЦВ, покажува дека денес летањето со авион е побезбедно од било кога порано. Според истражување на Универзитетот Харвард во САД, како што пишува Тунтев, летањето со авион во САД, Европа и Австралија е значително побезбедно од возењето со автомобил. Веројатноста да доживеете несреќа или сериозен инцидент за време на лет со авион е 1 : 1,2 милиони, а веројатноста несреќата да биде фатална е 1 : 11 милиони. Од друга страна, веројатноста да го изгубите животот во сообраќајна несреќа со автомобил на патиштата на овие три континенти е значително поголема, и изнесува 1 : 5.000. Тој во освртот наведува дека студија изработена на Технолошкиот институт во Масачусетс во САД во 2020 година покажува значително подобрување и унапредување на безбедноста на патниците кај воздушните превозници во текот на изминатите децении. Во периодот од 2008 година до 2017 година, бројот на смртните случаи на патници е значително помал во споредба со претходната декада. Имено, во тој период, стапката на смртност кај авиопревозниците на глобално ниво изнесува еден изгубен живот на 7,9 милиони патници кои се превезувале со авион, во споредба со истата стапка во периодот од 1998 год. до 2007 год., кога таа изнесувала една смрт на 2,7 милиони авиопатници. Ако се оди наназад низ времето, трендот станува уште појасен: во периодот од 1988 година до 1997 година забележана е стапка од една жртва на 1,3 милиони, во периодот од 1978 година до 1987 година една жртва на 750 илјади, а во периодот помеѓу 1968 година и 1977 година една жртва на 350 000 превезени патници. Доколку се анализираат подетално податоците од студијата, укажува Тунетв, може да се забележат одредени „географски разлики“, што значи дека стапката на смртност варира во зависност на географската положба на државите. - Држави, во коишто патниците можат да ги користат услугите на авиопревозници со најнизок ризик, се државите во Европа, САД, Кина, Јапонија, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Израел. Кај овие земји стапката на смртност во периодот од 2008 година до 2017 година изнесува една човечка жртва на 33,1 милион патници во авиосообраќајот, што е 4 пати помала стапка од таа просечната на глобално ниво. Од друга страна, воздушните превозници со поголем ризик доаѓаат од државите во развој, претежно од Азија, Африка и Јужна Америка. Во овие географски области стапката на смртност во последната деценија е шест и пол пати повисока од просечната стапка на глобално ниво и изнесува една жртва на 1,2 милиони патници. Сепак, и на овие простори се бележи значително подобрување на безбедносната култура во воздушниот сообраќај, ако се има во предвид фактот дека во периодот од 1998 година до 2007 год. стапката на смртност изнесувала една жртва на 400 илјади авиопатници, стои меѓу останатото во освртот.лв/са/  

Остани поврзан