• вторник, 24 декември 2024

„ТРЧАЈ БЕ“ во Битола го носи Балканското првенство во полумаратон

„ТРЧАЈ БЕ“ во Битола го носи Балканското првенство во полумаратон
Скопје, 23 април 2021 (МИА) - Организаторите на битолскиот најмасовен спортски настан, трката „ТРЧАЈ БЕ“, го најавија третото издание кое треба да се случи во градот под Пелистер на 12 септември. Оваа градска трка, која досега имаше од по пет и 10 километри трки, за годинава најави организирање на уште една трка, трка во полумаратон 21 километар, која ќе биде и Балканско првенство во оваа дисциплина. - Очекувањата се ова да биде еден од најголемите и најмасовни спортски настани во Битола и Македонија за 2021 година. Се надеваме дека ситуацијата со пандемијата до септември ќе биде ставена под контрола, па слободно ќе може да примиме претставници од преку 20 држави, целиот балкански атлетски крем, но и сите љубители на трчањето низ Македонија, кои сакаат да трчаат низ улиците во Битола, овај пат освен на 5 и 10, да го направат тоа и на 21 километар. Битола е гладна за спортски настани, а битолчани знаат да се израдуваат и да наградат кога ќе се случи квалитетен настан од ваков тип. Затоа, за третото издание на ТРЧАЈ БЕ, очекуваме цел град да биде или на улиците и да ги бодри тркачите, или на стартната линија на некоја од трките, изјави Никола Димитровски, директор на трката. Годинава трката е во коорганизација со Атлетската Федерација на Македонија која во Балканското првенство гледа можност да ја презентира атлетиката на едно повисоко ниво. - Ова е и шанса да докажеме дека имаме капацитет и можност да организираме и настани од ваков формат. „ТРЧАЈ БЕ“, иако се нова екипа во светот на трките тука кај нас, успеаја за многу краток период да се истакнат како вистински професионалци и да го вратат сјајот на атлетиката во Битола, која има богато минато кога станува збор за овој спорт. Токму затоа, веруваме дека организацијата на Балканското првенство во Битола, во организација на Атлетската федерација на Македонија и „ТРЧАЈ БЕ“ ќе биде полн погодок, истакна Александра Војнеска Зикова, претседателка на АФМ. Пријавите за трката наскоро ќе бидат отворени. зс/

Остани поврзан