• среда, 25 декември 2024

Трудо се извини што канадскиот Парламент со овации поздрави нацист

Трудо се извини што канадскиот Парламент со овации поздрави нацист

Торонто, 28 септември 2023 (МИА) - Канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа се извини што парламентот на неговата земја му оддаде почит на човекот кој се борел на страната на нацистите во Втората светска војна, за време на минатонеделниот говор на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трудо кажа дека претседателот на Долниот дом на Парламентот, Ентони Рота, кој во вторникот поднесе оставка, е „единствено одговорен“ за канењето гости и оддавањето признание за тој човек, и оцени дека тоа е грешка што длабоко ги засрами и парламентот и Канада.

-Сите ние кои бевме во Претставничкиот дом во петокот длабоко жалиме што аплаудиравме, иако тоа го направивме без да сме свесни за контекстот, рече Трудо пред да влезе во Долниот дом, додавајќи дека „тоа беше страшно оцрнување на сеќавањето на милиони луѓе кои загинаа во холокаустот, и тоа беше длабоко, длабоко болно за еврејскиот народ“.

Трудо го повтори своето извинување од говорницата на Парламентот.

Веднаш откако Зеленски одржа говор во Долниот дом во петокот, канадските пратеници со овации го поздравија 98-годишниот Јарослав Хунка кога Ентони Рота го сврте вниманието кон него.

Рота го претстави Хунка како воен херој, кој се борел за Првата украинска дивизија.

Во текот на викендот се појавија факти дека Првата украинска дивизија била позната како Вафен-СС дивизија Галиција - или СС 14-та Вафен дивизија - волонтерска единица под команда на нацистите.

Исклучително е вознемирувачко да се размислува како оваа огромна грешка се политизира од Русија и нејзините поддржувачи за да се шири лажна пропаганда за она за што се бори Украина денес, рече Трудо. сд/

Остани поврзан