• сабота, 23 ноември 2024

„Трубадур“ од Верди ќе ги отвори 52. Мајски оперски вечери, првпат изведба на Вагнеровата „Валкира“ со која ќе гостува Софиската опера

„Трубадур“ од Верди ќе ги отвори 52. Мајски оперски вечери, првпат изведба на Вагнеровата „Валкира“ со која ќе гостува Софиската опера

Скопје, 30 април 2024 (МИА) - Со премиера на операта во четири чина „Трубадур“ на Џузепе Верди, на 9 мај во Националната опера и балет ќе биде отворен 52-от фестивал „Мајски оперски вечери“ кој до крајот на месецот ќе понуди програма во која покрај оперски дела ќе има и една балетска претстава.

Операта „Трубадур“, опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“, ја режира Иван Поповски, диригент е Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимограф Марија Пупучевска и кореограф Саша Евтимова. Во насловната улога ќе настапи нашиот тенор Зоран Сотиров, а во екипата се домашни артисти и гостинка од Србија – мецеоспоранот Сања Анастасија во ликот на Ацучена.

„Трубадур“ репризно ќе биде изведена на 11 мај  кога во екипата ќе има странски солисти (Канада и Чиле), а диригентот ќе биде домашен (Иван Еминовиќ).

-Имаме врвен авторски тим и очекуваме одлични резултати. Премиерата е речиси продадена, се продава и репризата, тоа го навестува успехот, истакна Орце Ицковски, уметнички раководител на Операта на прес-конференција.

Како што рече, се потрудиле да направат ексклузивна програма која, покрај премиерата и репризата на „Трубадур“, ги има и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија, операта „Валкира“ на Вагнер на 18 мај, со која ќе гостува Софиската опера и балет. Ова ќе биде прва изведба на Вагнеровото дело на нашата сцена и, како што рече Ицковски, тоа е најексклузивен настан на фестивалот.

Во годината посветена на Џакомо Пучини ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и гости од Србија и Романија, а новина за овие Мајски оперски вечери  е изведбата на камерна опера - современа а капела опера „Свадба“ со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.

Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ со солистка од Австрија во насловната улога (Моника Медек) и гости од Кина, Италија и Бугарија во екипата во која е и нашиот бас Игор Дурловски. Диригент на „Аида“ ќе биде Нимрод Дејвид Фефер од Израел –диригент во престижната опера „Метрополитен“ во Њујорк.

„Трубадур“ е 11-та опера што ја режира нашиот режисер со меѓународна кариера Иван Поповски, а прва што ја поставува во земјава. Рече дека операта е врв на сценската уметност, а за музиката во ова Вердиево дело дека е генијална и космичка. 

-Театарот пробува да објасни, приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери - диригентот и на режисерот,  да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката која во ова дело на Верди е генијална и космичка, изјави Поповски. Она што него го инспирира тематски е, рече, борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното.

Иван Поповски, кој изгради кариера во Москва, првпат поставува опера на македонска сцена и  очекува дека публиката ќе биде задоволна од „Трубадур“ и од, како што рече, прекрасната музика, прекрасните солисти, хорот и оркестарот. Она што му е желба, рече, на сцена да ја постави „Евгениј Онегин“.

Српскиот сценограф Миодраг Табачки е задоволен што на програмата на Мајските оперски вечери годинава се две претстави со негови сценографии – покрај „Трубадур“, тој е автор и за сценското решение во балетот „Заспаната убавица“ на 15 мај.

-Секогаш се трудам да направам најдобро, а тоа зависи и од можностите, од финансиите и од опременоста на театарот. Мислам дека Операта на НОБ, исто така, даде се од себе и дека оваа опера заслужено ќе биде на фестивалот. Како и за сите други опери што ги имам работено,  решението за сцената го формирав според жанрот. Мислам дека визуелно реализмот е поинаков во оперски и музички претстави отколку во драмските. Во операта женровски го следите стилот на музиката, но тоа да не пречи на самата изведба на музиката која во оперските претстави е многу поважна од визуелните компоненти, истакна Табачки.

Во улогата Трубадур ќе настапи тенорот Зоран Сотиров. На прес-конференцијата тој рече дека токму на овој фестивал, гледајќи претстава во 1984 година, донел одлука операта да биде негова професија, а на Мајски оперски вечери и дебитирал во 1999, во претставата „Боеми“.

-Секој тенор кога ќе почне да се занимава со опера сонува за оваа улога. А дали ќе се оствари зависи дали има зрела конструкција на гласот, каква што бара оваа улога, но и дали ќе има прилика да настапи во таа опера, дали таа ќе биде поставена на сцената. Можеби ја добив подоцна оваа улога, но сум среќен и ќе дадам се од себе, рече Сотиров.

Српската мецосопранистка Сања Анастасија, првенка во Народно позориште во Белград, изјави дека е почестена што третпат ќе настапи на Мајските оперски вечери и дека НОБ веќе ја чувствува како своја куќа. Во „Трубадур“ таа ќе ја толкува улогата Ацучена за  која рече дека е комплексна и одговорна за заплетот во целата приказната во која се судираат две емоции – љубовта и омразата.

-Ацучена е сериозна и комплексна улога меѓу два света – реален и мистичен, рече Анастасија која овој лик од „Трубадур“ го има изведено околу 200 пати и, рече, и е омилен како и другите улоги од оперите на Верди и некои од оперите од веристичкиот репертоар.

На прес-конференцијата се претстави и солистката Криста де Силва од Канада која ќе настапи во репризата на „Трубадур“ на 11 мај во улогата на Леонора. Истакна дека е почестена што е дел од овој тим и се радува на соработката.

-Ми претставуваше огромен предизвик да ја прифатам и одиграм оваа улога во која емоционално многу се внесов, рече Да Силва.

Во премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај, покрај Зоран Сотиров и Сања Анастасија, ќе настапат и Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет. хс/лв/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан