• среда, 18 декември 2024

Трстена додели уште пет „Златни олимписки оскари“

Трстена додели уште пет „Златни олимписки оскари“
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Олимпискиот шампион Шабан Трстена денес додели пет „Златни олимписки оскари“ за личности и институции кои го поддржувале во неговата кариера. Добитници на „Олимписките оскари“ на Трстена се Кирил Манев, спортски новинар, Шабан Синани, спортски новинар и коментатор, Венцо Донев, спортски новинар и сопственик на единствениот специјализиран портал за боречки вештини, Кемал Гоца, спортски новинар од Приштина и Владимир Булатовиќ, спортски новинар. Ова е шеста ваква манифестација со која легендата на македонскиот спорт им се заблагодарува на неговите поддржувачи. Шабан Трстена е роден на 1 јануари 1965 во Скопје. Трстена е освојувач на златен медал на Олимписките игри во 1984 година во Лос Анџелес и на сребрен медал на Олимпијадата во 1988 година во Сеул. Тој беше европски шампион во 1984 и 1991 година, освојувач на сребрени медали на првенствата во 1983, 1985 и 1986 година и бронзени во 1982 и 1988 година. Прогласуван е за „Спортист на 20. век“ во нашата држава, седум пати за „Спортист на годината на Македонија“, 10 пати за „Најдобар спортист на Град Скопје“ и еднаш за „Најдобар спортист на СФР Југославија“. Годинава е одликуван со Орден „8 Септември“. фф/сп/

Остани поврзан