• среда, 25 декември 2024

Тројца осудени, а тинејџер уапсен за обид за саботажа на железничка инфраструктура во Русија

Тројца осудени, а тинејџер уапсен за обид за саботажа на железничка инфраструктура во Русија

Москва, 15 ноември 2024 (МИА) - Тројца државјани на Русија добија затворски казни од 12,5 до 15 години за „обид за саботажа“ на железничките линии во корист на Украина, додека еден тинејџер е уапсен под исто обвинение, соопштија денеска руските власти.

Тие се прогласени за виновни за обид за палење на железнички разводни табли во Челјабинската област на Урал во јануари, откако беа уапсени на местото на настанот, се вели во соопштението на рускиот Истражен комитет. Според истражителите, доколку нивниот чин бил успешен, „можело да предизвика судир на возови или излетување на вагоните од шините“.

Еден од главните актери во овој случај, обвинет за давање пари за купување компоненти за експлозивна направа, исто така е прогласен за виновен за „финансирање тероризам“, се додава во соопштението.

Покрај тоа, 16-годишен тинејџер, наводно регрутиран од украинските разузнавачки служби, е уапсен за сличен обид во Кировската област, каде што се обидел да запали два сигнали на Транссибирската железничка линија за паричен надомест. ссм/

фото: архива

Остани поврзан