• недела, 24 ноември 2024

Тројца осомничени за убиство на ракометарот на РК „Бутел“

Тројца осомничени за убиство на ракометарот на РК „Бутел“
Скопје, 9 април 2022 (МИА) - Три лица се осомничени за убиство на ракометарот на РК „Бутел“. Од нив двајца се лишени од слобода и денеска ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис, соопшти Јавното обвинителство. По добиеното известување од МВР за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издаде наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата. Врз основа на прегледаните видео записи идентификувани се три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените меѓу кои една девојка (19) сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од Кривичниот законик, информираат од Јавното обвинителство. Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, како што се посочува, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор. На Институтот за судска медицина и геонтологија денеска во утринските часови беше извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари. Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал, потенцираат од Јавното обвинителство. рп/вј/

Остани поврзан