• среда, 27 ноември 2024

Трошановски: Ако изградбата на коридорите 8 и 10д не беше изземена од европските фондови, надзорот ќе беше многу построг

Трошановски: Ако изградбата на коридорите 8 и 10д не беше изземена од европските фондови, надзорот ќе беше многу построг

Скопје, 4 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски смета дека ризик во случајот со изградбата на коридорите 8 и 10д е тоа што целиот овој проект е изземен од Европската програма за претпристапна помош.

Ова, оценува Трошановски, од една страна значи дека земјава изгуби многу неповратни средства од ЕУ, а од друга, дека севкупниот надзор ќе беше многу построг и ќе ветуваше многу поодржливи патни системи и патна инфраструктура која сега, како што напоменува, не може да се знае како ќе биде изградена и развиена.

-Проектот за коридорите 8 и 10д се уште не е изготвен. Тие патишта не се проектирани од тука и не знаеме какви се импликации може да има. Она што е ризик е дека целиот тој проект беше изземен од Европската програма за претпристапна помош, од европските фондови. Со самото тоа, како држава, изгубивме многу средства кои можеа да ни бидат дадени неповратно. Сега, прво, ние сами ги плаќаме даночните обврзници, а второ, процедурите и системите на контрола од елаборати за заштита на природата, за импакт врз животната средина и други - целиот надзор на тие документи ќе беше многу построг и ќе ветуваше многу поодржливи патни системи и патна инфраструктура која, за жал, сега не можеме да знаеме како ќе биде изградена и развиена, изјави Трошановски пред почетокот на денешната панел дискусија „Превенција на кризи и управување со критична инфраструктура во Западен Балкан”.

Тој ги сподели препораките и заклучоците од најновите истражувања сублимирани во трудовите „Превенција на кризи и критична инфраструктура во Западен Балкан“ и „Управување со пандемијата – научени лекции за посигурна иднина“ кои беа клучна тема на панелот. мч/бак/

фото: МИА

Остани поврзан