• сабота, 23 ноември 2024

Тркалезна маса: Потребна е поблиска соработка меѓу младинските службеници на општините и младите

Тркалезна маса: Потребна е поблиска соработка меѓу младинските службеници на општините и младите
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Организирање на редовни посети во училиштата од страна на младинскиот службеник, запознавање на средношколците со улогата на локалните младински совети и интензивирање на соработката со локални граѓански организации се дел од препораките насочени кон општините и локалните институции кои беа презентирани на денешната тркалезна маса на Младинскиот образоваен форум (МОФ) која се одржа во Скопје. Темата на тркалезната маса беше „Младинско учество во единиците на локалната самоуправа“, а учествуваа претставници на локални младински организации, младински службеници на општини, медиуми и претставници на Агенцијата за млади и спорт. На настанот се презентираше документот за јавни политики кој содржи проблеми кои младите ги мапираа за време на работилниците, како и препораки насочени кон општините и останатите локални институции кои се обврзани да ги адресираат истите. Како дел од препораките се и организирање на повеќе отворени денови/еднодневни, едукативни екскурзии и посети на општини и други институции што работат на локално ниво, споделување на искуства од веќе формираните локални младински совети и креирање на платформа за поплаки и идеи од страна на млади лица во секоја локална јавна установа. Авторката на документот, Јоана Тренеска во своето обраќање нагласи дека потребна е поблиска соработка помеѓу младинските службеници на општините и младите. -Воедно, треба да ја оставиме застарената пракса да ги „врзуваме“ младите исклучиво за младински проблеми. Младите се хетерогена група која подеднакво е засегната со проблемот со палење на депонии, кучиња скитници, колку што е засегната со колку општината инвестира во култура, спорт забава и слично, посочи Тренеска. Дел од учесниците потенцираа дека јавните установи, како општините се соочуваат со потешкотии целосно да го имплементираат новиот Закон за младинско учество и младински политки. Советникот за млади на Владата, Ѓорѓи Тасев, истакна дека се вложуваат напори за младинските службеници на општините да се адаптираат на обврските кои ги имаат како претставници на младите, согласно новиот закон. Овој настан е дел од проектот „Младински политики за подобар животен стандард на млади од помали средини“, кој е овозможен со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија и во соработка со локалните организации Фондација за развој на локалната заедница - Штип, Регионален центар за одржлив развој - Гевгелија, НОВУС Струмица, Центар за едукација и развој - Теарце и НВО КХАМ - Делчево. Претходно, во рамките на проектот се одржаа шест работилници во повеќе градови низ државата на кои учествуваа над 100 млади лица. Учесниците се стекнаа со знаење за општините и нејзините обврски спрема жителите и имаа можност да ги споделат проблемите со кои се соочуваат во нивното место на живеење.бт/са/

Остани поврзан