Три физички напади во скопски училишта пријавени во полиција, момче завршило со тешки телесни повреди
- Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Скопје, 3 март 2026 (МИА) - Три физички напади во скопски училишта биле пријавени во полиција, а во едниот случај, момче завршило со тешки телесни повреди.
Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.
- Денеска во 3:30 часот во Секторот за внатрешни работи - Скопје, 43-годишната скопјанка Ј.П. пријави дека вчера околу 11:30 часот во основно училиште на подрачјето на Чаир, нејзината 14-годишна ќерка била физички нападната од нејзина соученичка. Вчера во 15 часот во СВР - Скопје, Б.Р., 51-годишен скопјанец, пријави дека на 27 февруари околу 8:15 часот во основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, неговиот 13-годишен син бил физички нападнат од друг ученик во училиштето, при што му нанел тешки телесни повреди. Вчера во 12:10 часот, пак, во СВР - Скопје, Д.Р., 47-годишен скопјанец, пријави дека околу 9:30 часот во двор на основно училиште на подрачјето на Чаир, неговиот 15-годишен син бил физички нападнат од неколку малолетници од друго училиште, информираа од МВР. бд/вј/
Фото: МИА архива