• среда, 25 декември 2024

Три македонски филмови на програмата на 25-от Фестивал „Нитрат“ во Белград

Три македонски филмови на програмата на 25-от Фестивал „Нитрат“ во Белград

Белград, 7 јуни 2023 (МИА) - Од 6 до 15 јуни во просториите на Југословенската кинотека во Белград се одржува јубилејното 25. издание на Фестивалот на нитратен филм, на кој Кинотеката на Република Северна Македонија утре ќе се претстави со посебна програма која вклучува претставување на првите три македонски кусометражни играни филмови снимени во далечната 1957 година, јави дописникот на МИА од Белград.

- На Фестивалот на кинотечни остварувања на филмови снимени на леснозапалива нитроцелулоза, на кои е снимено целокупното филмско наследство во првата половина на 20 век, ќе бидат прикажани вкупно 43 остварувања од 23 земји на Европа, Азија и Северна Америка, изјави селекторот на фестивалот и управител на Архивот на југословенската кинотека, Александар Саша Ердељановиќ.

Во тие рамки, третиот ден на јубилејната манифестација, на 8 јуни, Кинотеката на Северна Македонија ќе се претстави со посебна програма која вклучува претставување на првите три македонски, кусометражни играни филмови снимени во далечната 1957 година.

Станува збор за 18-минутните филмови „Бунт на куклите“ според сценарио и снимателска работа на Љубе Петковски во режија на Димитрие Османли, „Сонце зад решетки“ според сценариото (според сопствениот расказ „Едно жешко јулско пладне“) и во режија на Славко Јаневски, со снимател Бранко Михајловски, како и со 25-минутниот „Подарокот на веселиот молер“ што според расказ на писателот од Војводина Михаљ Мајтени го режирал Димитар Ќостаров, додека снимател е Киро Билбиловски.

Трите филмови беа предвидени да го сочинуваат првиот македонски омнибус филм. Тие се снимени истата година, но не биле споени во замислениот омнибус за кој македонската Кинотека поседува повеќе документи и написи. Меѓу останатото убаво сведоштво е и една од знаменитите колективни карикатури на Василие Поповиќ-Цицо во кој се претставени авторите и соработниците на првиот македонски омнибус. Така, сега имаме спојување на трите филма во еден вид „кинотечна премиера“, и тоа како фестивалски настан. Филмот, кој е прво играно остварување на македонските автори, Кинотеката го опреми со текстуална најава, е именуван „Омнибус 1957“.

Музиката на првите два филма е на Ладислав Палфи, а на третиот Трајко Прокопиев. Во последните два филма настапува Јован Ицмарев, своевремено познат како кловнот Кики од Скопскиот циркус кој фунционирал две сезони во раните 1950-ти, додека во „Бунтот на кулклите“ главната улога ја игра младиот Емил Рубен. Монтажата на трите филма е на Драги Панков.

Фестивалот на нитратниот филм традиционално се отвори вчера, на 6 јуни, на Денот на Југословенската кинотека, кој воедно го означува почетокот на прикажувањето филмови во Белград и на Балканот.

Според зборовите на директорот на Фестивалот, филмологот Александар Саша Ердељановиќ набавивени се грст ремек-дела, новооткриени филмови и новоизработени филмски копии.

Оваа сјајна програма значајна е и поради разновидноста. Присутни се сите жанрови - комедии, историски филмови, драми, спектакли, кукла-филмови...“. На отворањето во салата „Макавеев“ публиката ќе има можност да ги види ексклузивните снимки на големиот научник од светски глас Михајло Пупин, од 1928 година на свеченост во Рочестер, САД, при презентацијата на Кодаковиот систем во боја, на кој бил поканет и големиот научник. Фестивалот ексклузивно ќе прикаже и пет новооткриени кратки играни филмови, два италијански два француски и еден американски за кои е утврдено дека тоа им се единстените сочувани копии во светот.

Меѓу големите творечки имиња Нитрат фестивалот ќе ги прикже филмовите на великаните на филмската режија Ернст Лубич, Мориц Стилер, Џејмс Круз, Виктор Туржански, Вернер Хохбаум, Михаил Калатозов, Марио Моничели и други.об/мд/

Остани поврзан