• четврток, 12 февруари 2026

Три лица повредени во руски напади врз Киев и Одеса

Три лица повредени во руски напади врз Киев и Одеса

Киев, 12 февруари 2026 (МИА) – Русија во текот на ноќта повторно ја нападна соседна Украина со дронови и балистички ракети, при што беа повредени три лица и беше предизвикана голема штета во главниот град Киев и во црноморското пристаниште Одеса, се вели во денешните официјални извештаи.

Две лица се повредени во ракетен напад врз Киев, од кои едното потешко, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм. Инфраструктурни цели повторно беа во фокусот на ракетните напади, но имаше и напади врз приватни домови, рече тој. Поради постојаните руски воздушни напади, Киев со недели се бори со проблеми во снабдувањето со енергија, како во однос на електричната енергија, така и во однос на греењето.

Едно лице е повредено по масовниот руски напад со дронови врз Одеса, а 23 лица примаат психолошка помош откако беше погодена деветкатна станбена зграда, напиша гувернерот Серхи Лисак на Телеграм. Цел беа и енергетски објекти, а избувна пожар во инфраструктурен објект, рече Лисак. Нападите со дронови предизвикаа штета и на супермаркет и на неколку тезги на пазар.

Русија систематски го таргетира снабдувањето со енергија на Украина, пренесе ДПА. Москва тврди дека тоа се воени цели бидејќи произведената електрична енергија се користи во воената индустрија. Милиони Украинци се изложени на темнина и студ на температури под нулата поради тековните напади. јт/

Фото: Служба за вонредни ситуации на Украина

Остани поврзан