• петок, 27 декември 2024

Три лаборатории ќе ја испитуваат водата за пиење во Куманово, поголем дел од градот нема вода за пиење

Три лаборатории ќе ја испитуваат водата за пиење во Куманово, поголем дел од градот нема вода за пиење

Куманово, 22 мај 2024 (МИА) - Поголем дел од Куманово, 60 до 70 проценти, немаат вода за пиење, соопштија денеска надлежните од Јавното претпријатие „Водовод“. На денешната прес-конференција по завршување на седницата на Општинскиот кризен штаб беше посочено дека ќе се преземат сите мерки за надминување на состојбата, но дека за безбедноста на водата ќе се почекаат резултатите од Центарот за јавно здравје Куманово. Дополнително, и екипите на „Водовод“ ќе извршат проверки и уште една независна лабораторија.

- Во моментот уште во некои делови на градот имаат вода, но доколку не се стабилизира дотурот што доаѓа од Липково, од браната, ако матноста на водата не биде во задоволителните граници, ние како ЈП нема да испорачуваме вода до граѓаните. Стапивме во контакт со Агенцијата за храна и ветеринарство при што е доставено барање водата да се користи како техничка, изјави директорот на ЈП „Водовод“ Куманово, Оливер Стојмановски.

Според Стојмановски, нема место за паника, стручните служби навремено реагираат. 

- Иако излезе информација дека водата не е безбедна за пиење, тоа е непотврдена информација, затоа што чекаме информација од Центарот за јавно здравје кој има земено мостри од локации. Од наша страна, исто така имаме земено мостри. Во меѓувреме, известивме независна приватна лабораторија која исто така ќе земе мостри.  Нема место за паника. Нашите стручни служби реагираат навремено. Оваа е ситуација што не зависи од ЈП. Се надеваме дека за релативно брзо време водата што доаѓа во доводот на филтер станицата ќе биде со задоволителна матност, истакна Стојмановски.

Во оние делови од градот каде што има вода, може да се користи како техничка, претходно превриена. Стручните служби од фабриката за пречистување на вода (Филтер станица Куманово) велат дека не знаат во кој момент може да се пушти водата за пиење, бидејќи се чекаат резултатите од здравствените институции.

- Ако не се повтори ударот од сегашното невреме, ние сметаме дека задоволителни резултати ќе добиеме многу брзо. Не можеме да кажеме за колку време ќе помине таа „лоша вода“ низ цевководот. Сепак, за тоа дали водата ќе биде за пиење ќе треба да одобрат здравствените институции изјави раководителот на филтер станицата, Тони Јовчевски.

Според Правилникот, како што укажува Јовчевски, матноста на водата максимално може да изнесува 1,5, што е незабележливо со око.

- Додека е над таа вредност, водата според Правилникот се смета за небезбедна, со тоа што тоа се вредности кои со голо око не се забележуваат. Во секој случај тоа мора да се потврди со спроведената анализа со апарати за матност на водата така што ќе се произнесат институциите дали водата повторно може да се користи за сите други потреби, освен за пиење, истакна Јовчевски.

Водата во бунарските системи „Митев мост“ и во Бедиње е добра и се користи за водоснабдување на дел од градот, а еден дел за потребите на Фабриката за преработка на вода за да може побрзо да се пречистува и да се стабилизира. ам/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан