• вторник, 24 декември 2024

Три децении УНХЦР во Северна Македонија: Сочувство, соработка и посветеност

Три децении УНХЦР во Северна Македонија: Сочувство, соработка и посветеност

Скопје, 11 декември 2024


Пишува: Габриел Гуалано де Годој, Претставник на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, во
Северна Македонија

 

Вчера, 10 декември, беше Меѓународниот ден на човековите права, важна прилика да се
потсетиме и да повториме дека човековите права се за сите, секаде и секогаш. Говорејќи за
човековите права, не можеме, а да не помислиме на војните кои беснеат по светот и на новите
и стари конфликти кои му се закануваат на човечкото постоење и на сè останато што на човека
му е драго – домот, безбедноста, припаѓањето. Луѓето кои се приморани да го напуштат домот
секогаш се надеваат дека некаде ќе бидат добредојдени и третирани со достоинство.
Северна Македонија беше и е тоа „некаде“ за многу луѓе последниве 30 години. Се сеќаваме на
приказните на луѓе од просторите на поранешната Југославија кои пристигнувале во 90-тите
години – некои од вас можеби се присетуваат и на сликите на очај. Оваа мала, но горда земја не
им го сврте грбот. Наместо тоа, таа ги прифати. Денес, таа продолжува да го прави тоа – за луѓето
кои бегаат од војна во Украина, Сирија и од другите кризи во светот. Бегалците не најдоа само
засолниште тука, туку најдоа хуманост, достоинство и можност одново да ги изградат своите
животи.
УНХЦР има привилегија што го изоде овој пат со Северна Македонија. Во текот на три децении,
заедно им помогнавме на луѓето кои бегаат од прогон да најдат безбедност, на децата кои беа
родени без државјанство да станат граѓани, а на семејствата кои немаа надеж одново да ја
пронајдат. Ова не се само технички постигнувања или подобрувања на политиките; тие се
човечки триумфи – доказ дека сочувството, кога се спојува со храброста, менува животи. На
глобално ниво, овие постигнувања го поттикнаа Високиот комесар Филипо Гранди да ја пофали
Северна Македонија како светски шампион во намалување и искоренување на
бездржавјанството. Тој напредок е сведоштво за колективниот напор на државните власти,
граѓанското општество, академската заедница, медиумите и јавноста, сите обединети да
осигурат дека никој нема да остане невидлив или лишен од основните права. Додека уште тежат
спомените за луѓето кои страдаа од бездржавјанството, постои надеж и радост во сознанието
дека идните генерации ќе растат како целосно препознаени членови кои придонесуваат во
општеството.
Сепак, работата е далеку од завршена. Додека ја прославуваме триесетгодишнината на
Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија и ратификацијата на Конвенцијата за
статусот на бегалците од 1951г., мораме да се заложиме дека ќе ја надградиме важната
оставина за да осигураме никој во државата да не остане невидлив, незапишан или исклучен.
Заедно, мораме да ги зацврстиме системите за да ги заштитиме барателите на азил со
правичност и достоинство, да ги финализираме процесите кои засекогаш ќе стават крај на
бездржавјанството и да ги поддржиме луѓето кои бегаат од конфликт, не само како бегалци,
туку и како идни придонесувачи во општеството. Да влечеме инспирација од зборовите на
славниот македонски поет Кочо Рацин:
„Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце - порта наjвисока,
срце - куќа наjширока.“
Нека зборовите на Кочо Рацин продолжат да нè водат додека ние се обидуваме да изградиме
иднина во која секој бегалец, без разлика на своето потекло, ќе најде безбедност, достоинство
и припаѓање.
Ве повикувам сите да ни се приклучите во мисијата – бидејќи вклучувањето на бегалците и
лицата без државјанство не е само работа за организации или влади. Тоа е одговорност на секое
срце, големо колку куќа најширока, кое верува во неограничената способност на човештвото да
се залечи и да донесе подобро утре. 

УНХЦР во Северна Македонија

Фото: УНХЦР во Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан