• среда, 25 декември 2024

Три дена Корча пулсираше во духот на македонската култура

Три дена Корча пулсираше во духот на македонската култура
Тирана, 31 октомври 2022 (МИА) - Албанскиот град Корча три дена пулсираше во духот на македонската култура, каде  во организација на македонската амбасада и Културно-информативен центар во Тирана, се одржаа „Денови на македонска култура“.
На Универзитетот „Фан Ноли“ беа одржани часови по македонски јазик. Интенцијата е овој настан да се заокружи со отворање лекторат по македонски јазик на Филолошкиот факултет во овој град.
Во Градската библиотека градоначалникот на Корча Сотираќ Фило и неговите соработници, заедно со  амбасадорот Данчо Марковски, и директорот на КИЦ – Тирана, Златко Ориѓански, отворија изложба на Зоран Кардула, на која настапи блуз-бендот „In the mood“.
Следниот ден во Куќата на знамето, Заводот и музеј од Битола ја отвори изложбата „Невестински соништа - касели и ковчези од Битола и битолско" на авторката Мери Стојанова.
Уникатноста на поставката во која се преставени ковчези од крајот на 18 и почетокот на 19 век, побуди голем интерес и внимание меѓу граѓаните на Корча.
Во театарот "Андон З. Чајупи"  на  29 октомври настапи хорот „Менада“ од Тетово, чиј   настап  беше проследен со силен аплауз. Веднаш по концертот беше прикажан филмот „Медена земја“.
На сите активности присуствуваше и Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и прв човек на друштвото "Сонце".
Трите дена македонска култура во Корча имаат историско значење за двете пријателски земји. Плакатот, кој беше поставен на Корчанскиот театар, беше отпечатен на македонски и на албански јазик.
Вчера хорот „Менада“ настапи и  пред Македонците во Пустец,  при што Министерството за култура на Република Северна Македонија му подари на тамошното население книги и библија за деца напишани на македонски јазик. вт/сст/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан