• среда, 27 ноември 2024

Триумф за историја, македонските фудбалери ја совладаа Германија во Дуизбург

Триумф за историја, македонските фудбалери ја совладаа Германија во Дуизбург
Дуизбург, 31 март 2021 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација ја забележа вечерва една од најспектакуларните победи во својата историја, триумфирајќи над Германија во Дуисбург со 2:1 (1:0) во рамки на мундијалски квалификации. Македонскиот состав најави шокантен развој на настаните за големиот фаворит, кога во судиското продолжение на првото полувреме капитенот Горан Пандев, по одлична асистенција на Енис Барди, рутински ја смести топката во мрежата на Андре тер Штеген. Претходно во текот на првиот дел, Езѓан Алиоски можеше да ја начне германската мрежа од слободен удар во 39. минута, а на спротивната страна Леон Горетцка во осмата минута ја погоди пречката, додека обидот на Серж Гнабри во 30 минути заврши за малку над рамката на голот на Столе Димитриевски. Германците дојдоа до израмнување во 63. минута преку прецизно изведениот удар од белата точка на Илкај Гундоган, откако Алиоски претходно го фаулираше Лирој Сане. Рускиот судија Сергеј Карашев можеше да досуди пенал и за македонскиот состав, но превиде играње со рака на Емре Џан по ударот со глава на Дарко Велковски во .минута. Домаќините пропуштија голема шанса за целосен пресврт на десет минути пред крајот преку Тимо Вернер, а казната на спротивната страна стигна во 85 минута кога Елиф Елмас, на асистенција на Аријан Адеми, биеше прецизно за конечни 2:1 и историски триумф на македонската репрезентација во првиот меѓусебен дуел со Германија. Во преостанатите два натпревари што вечерва беа на програмата во рамки на квалификациската група Ј, Ерменија со пресврт на домашен терен ја совлада Романија со 3:2, додека Исланд очекувано триумфираше како гостин против Лихтенштајн со 4:1. Македонската репрезентација по три натпревари има шест бодови, додека води Ерменија со максимални девет. Германија, исто така, има шест бодови, Исланд три, а Лихтенштајн е последен без бодови. Мундијалските квалификации продолжуваат на 2 септември, кога избраниците на Игор Ангеловски во Скопје ја пречекуваат Ерменија. ег/зс/

Остани поврзан