• среда, 25 декември 2024

Трипуновски: Работиме да имаме што повеќе задоволни лозари, повторно да бидеме препознатлив бренд по вино

Трипуновски: Работиме да имаме што повеќе задоволни лозари, повторно да бидеме препознатлив бренд по вино

Скопје, 7 август 2024 (МИА) - Ќе работиме да имаме што повеќе задоволни земјоделци. Нема да дозволиме како во минатото секоја година по 500-600 земјоделци од Тиквешијата едноставно ги нема во Регистарот на земјоделски производители. Тоа е сериозен пад, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски нагласи дека ние сме познат бренд во светот за македонско вино.

- Ние мораме да ја враќаме Македонија и во квантитет и во квалитет. Ние сме познат бренд во светот за македонско вино. За жал, со вакви количини на производство на грозје ние ќе имаме сериозна намалена количина која што ќе значи извоз, а од друга страна па и помал девизен прилив на државата, изјави министерот Трипуновски на утринската емисија на Сител телевизија.

Тој додаде со ваквата постигната цена за килограм винско грозје релативно е задоволен.

Гледам по реакциите во текот на вчерашниот ден дека Здруженијата, Федерација на фармери излегуваа со поздрав за постигнато. Меѓутоа, морам да потенцирам дека тука не застануваме, порача министерот Трипуновски.

- Овој процес на оваа договорена цена за винско грозје ќе ја следи Земјоделскиот инспекторат на терен од првиот до последниот ден на откуп. Што значи тоа? Тоа значи дека на сите откупни места, на сите винарски визби ќе има распоредено земјоделски инспектори во две смени, согласно динамиката на откуп во текот на денот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Инспекторот, како што нагласи, ќе биде коректив и ќе следи дали процесот се одвива согласно правилата, прописите и договореното. Трипуновски додаде дека секој инспектор ќе биде обезбеден со широмер. Секој земјоделец кој што ќе изрази сомнеж на неговиот квалитет во однос на мерењето од визбата, тука ќе е инспекторот за да направи дополнително мерење со цел да се увиди дали тоа е така.

- Овој процес на следење ќе биде за да ги елиминираме и најмалите сомнежи за злоупотреба, нагласи Трипуновски. Тој додаде дека верува дека земјоделците ќе бидат задоволни од целиот овој процес.

Цената на килограм грозје „смедеревка“ со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 18,3 денари, а цената на килограм грозје „вранец“ со пресметаните 25 отсто ќе изнесува 20,8 денари, соопшти вчера МЗШВ. Појаснуваат дека ја земале предвид пресметката на Земјоделскиот институт – Скопје за производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, зголемена за 25 отсто согласно Законот за вино.  мд/aa/

Фото: МЗШВ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан