• недела, 24 ноември 2024

Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка

Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка, првата класа за 40, а прва/втора класа за 30 денари по килограм, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски после денешниот состанок со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка. 

-Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) остварив заедничка средба со преработувачите  и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие според класи ќе бидат: прва класа - 40 денари за килограм, прва/втора класа - 30 денари за килограм,  втора класа - 20 денари за килограм, трета класа - 12 денари за килограм, прецизира Трипуновски.

Тој  во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите на кои главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.

-Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност со побарувачката ќе имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка, потенцира Трипуновски. вј/нд/

Фото: МЗШВ

 

Остани поврзан