• сабота, 28 декември 2024

Тринаесетто издание на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

Тринаесетто издание на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца

Охрид, 20 јули 2024 (МИА) – Во селото Трпејца на источниот брег на Охридското Езеро од вечерва до 28 јули по 13-ти пат ќе се одржува културно – забавното лето „На зајдисонце“.

Здружението „За Трпејца со љубов“, кое ја огранизира манифестацијата, ветува интересна програма во која до израз ќе дојде креативноста на младите, но и промоцијата на Трпејца од историски, културен и спортски аспект.

Публиката на отворената сцена под ведро небо „Кај бунарот“ во наредните девет дена ќе може да ја проследи проекцијата на документарниот филм: „Кино Охридско Езеро“ од Љупчо Паункоски. Ќе биде промовирана монографијата за селото „Трпејца – Трпеза со духовна благодат “ од авторот Игор Никовски, а младиот историчар Петар Симоноски ќе презентира факти за Трпејца во 16 век. Планирани се настапи на драмското студио „Цвет 75“ под раководство на Драгана Боцеска со претставата „Ќерките на  Фроса“ , концерт на млади музички надежи. Во текот  на организираното лето Креативни Боб техники со заинтересираните заедно ќе учат и ќе се забавуваат младите туристи  со инструкторите Валентина и Ангела Кузманоски. Во Трпејца  првпат  настап ќе има и новиот женски хор при Црвен крст – Охрид „ACordis“ под раководство на диригент Биљана Николоска.

И годинава нема да изостане популарната Трка со куфери по скалилата  во Трпејца, Фото конкурсот за најдобра фотографија  од Трпејца направена со мобилен и денот посветен на Кајакарскиот клуб  „Рибар“ и неговиот основач и тренер Номче Митрески.

Свеченото отворање на манифестацијата „На зајдисонце “ е вечерва од 20:30 часот со мини-изложба од ланската Меѓународна колонија одржана во Трпејца и настапот на Влатко Броз и Ди-Џеј Марама.

Манифестацијата се одржува под покровителство на Општина Охрид. аб/бак/

Фото: На зајдисонце

 

Остани поврзан