• петок, 27 декември 2024

Тримесечен извештај на ИКС за присуството на штетни наративи во јавната политичка комуникација

Тримесечен извештај на ИКС за присуството на штетни наративи во јавната политичка комуникација

19 јули 2024 

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави тримесечниот извештај од истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), којшто претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во периодот март ‒ мај 2024 година. Во тримесечниот извештај се утврдува токсичната реторика пред претседателските и парламентарните избори коишто се одржаа на 24 април и на 8 мај, како и во постизборието кога беа претставени резултатите од гласањето, односно победниците во двата изборни циклуса и веќе течеа преговорите за составот на новата влада.Во периодот март ‒ мај 2024, ВМРО-ДПМНЕ го задржа првото место со вкупно 102 објави со штетни наративи (учество од 33 % во вкупниот број штетни објави од политичките партии), но Левица, која во периодот од септември 2023 до февруари 2024 беше трета, сега прејде на второто место со вкупно 90 штетни објави (29 % од вкупниот број). На трето место се најде СДСМ со 63 објави со штетни наративи (21 % од вкупниот број штетни објави на политичките партии).

Кај политичките лидери, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во периодот март ‒ мај 2024 имаше најмногу објави со штетни наративи, вкупно 32. На второто место е Изет Меџити од Демократското движење (17), а на третото место Африм Гаши од Алтернатива (15). Апасиев и во шестмесечната анализа беше лидерот со најголем број објави со штетни наративи. Меџити тогаш беше на третото место. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во претходните шест месеци беше на второто место на „штетната лидерска листа“, во последното тромесечје од мониторингот со само две објави со штетни наративи се најде на шестото место меѓу десетте лидери.

Во ова тромесечје најчести се два вида штетни наратива: пристрасно селектирање (253 објави), кога политичките партии во својата реторика се обидувале да ја замајуваат јавноста криејќи факти и прикажувајќи само избрани податоци за одредени состојби, и  поткопување на довербата во институциите на системот (239 објави), со кои тие свесно сакале да создадат несигурност и недоверба кај граѓаните во државата. На третото место најкористен штетен наратив кај политичките партии е поттикнувањето поделби (81 случај).

Кај политичките лидери во периодот март ‒ мај 2024, исто како и во претходниот шестмесечен извештај, на првите две места се штетните наративи пристрасно селектирање (47 случаи) и поткопување на довербата (35), а на третото место е штетниот наратив напади на лична основа/демонизација на политичкиот противник (31). Инаку, забележливо е дека, иако со помала динамика, политичките актери ова тромесечје користеле и популизам, ширење страв и паника, обвинувања за странско влијание,  а има и случаи на употреба на говор на омраза од страна на некои политички лидери.

Дел од членовите на Владата овој период ги користеа официјалните канали за лична или партиска агенда, но и за обвинувања кон политичките противници. Со мониторингот беа утврдени вкупно 58 објави со штетни наративи. Најмногу штетни објави се нотирани на фејсбук-профилот на првиот вицепремиер Артан Груби (18 објави), на второто место е министерот за правда Кренар Лога (15), а на третото место е министерот за економија Крешник Бектеши (12). Она што е забележано при мониторингот е значајниот пораст на објави со штетен наратив кај Лога и Бектеши во мај (од 2 во април на 10 објави во мај кај Бектеши и од 3 на 10 во мај кај Лога). Во однос на видовите штетни наративи што се јавуваат во објавите на владините членови, анализата покажа дека тие најчесто употребуваат два вида штетни наративи: пристрасно селектирање и поткопување на довербата на граѓаните во институциите и медиумите. Поретко ги користат штетните наративи поттикнување поделби, напади на лична основа и странско влијание. Иако инцидентни, интересно е да се забележи дека штетните наративи етноцентризам и екстремен патриотизам се употребени во мај од Крешник Бектеши и Кренар Лога, додека ширење паника и страв во април од Артан Груби и министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска. Уште една интересна забелешка е дека штетниот наратив странско влијание единствено е искористен од Артан Груби во текот на секој месец на ова тромесечје.

Во периодот март ‒ мај 2024 година се забележува намалување на вкупниот број прилози со штетни наративи кај телевизиите и кај онлајн медиумите. Кај ТВ-станиците во овој период беа забележани вкупно 185 прилози со штетни наративи, а најмалку во текот на мај (во однос на март се бележи пад од 35 % ‒ од 79 на 51 прилог). Во овој контекст, треба да се земе предвид дека радиодифузерите подлежат на обврски согласно со регулативата за време на изборни процеси (Изборниот законик, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги), како и на редовните и вонредните мониторинзи од домашните и од странските набљудувачи, вклучително и медиумскиот регулатор, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. ТВ Алфа повторно има најголем број прилози со штетни наративи ‒ 61 прилог, иако, споредено со шестмесечниот извештај, бележи намалување во просек од околу 30 %. МРТ 1 е телевизијата со најмал број прилози со штетен наратив (9 прилози), за разлика од претходните шест месеци кога била ТВ 24 со 15 прилози.

Кај онлајн медиумите беа забележани вкупно 672 прилози со штетни наративи. Најмалку имало во мај (187), а најмногу во април (261), што е рекорд за целиот период од мониторингот. Постојат големи разлики во бројот на објавените прилози со штетен наратив: онлајн медиум со најмногу штетни прилози е Курир – 124 прилози, а онлајн медиум со најмалку објавени прилози со штетен наратив е Нова ТВ – 14 прилози.

Tрите најчесто споменувани штетни наративи во прилозите на главните вести на ТВ-станиците се поткопување на довербата во институциите (100 пати или 31 % од вкупниот број наративи), пристрасно селектирање (100 пати или 31 % од вкупниот број наративи) и поттикнување поделби (34 пати или 11 % од вкупниот број наративи). Овие три штетни наративи нотирани во централните информативни изданија се совпаѓаат со истите три најчесто употребувани од политичките актери. Слично е и кај онлајн медиумите каде првите два најчесто споменувани штетни наратива се поткопување на довербата во институциите и пристрасно селектирање, а на трето место се нападите на личноста.

Истражувањето ШТЕТ-НА ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии кои бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година и нивните лидери, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн медиуми и 9 телевизиски станици. Институтот за комуникациски студии нагласува дека кандидатите за претседател на државата не беа предмет на овој мониторинг.

Истражувањето се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Тримесечниот извештај можете да го прочитате на следните линкови: 

Целосна верзија: https://respublica.edu.mk/wp-content/uploads/2024/07/stet-na-trimesechen-izveshtaj-mart-maj-2024-celosen-izveshtaj.pdf

Кратка верзија:  https://respublica.edu.mk/wp-content/uploads/2024/07/stet-na-trimesechen-izveshtaj-mart-maj-2024-rezime.pdf

 

Институт за комуникациски студии

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан