• вторник, 24 декември 2024

Трик-прашање за вработување во „Мајкрософт“

Трик-прашање за вработување во „Мајкрософт“

Лос Анџелес, 5 ноември 2024 (МИА) - Во неодамнешно интервју за „Блумберг“, поранешниот извршен директор на „Мајкрософт“, Стив Балмер зборуваше како се правело интервју за работа во една од најпознатите технолошки компании во светот. Балмер, кој беше на чело на американскиот конгломерат од 2000. до 2014 година, откри трик-прашање што му го поставувал на секој кандидат за работа, објаснувајќи го и значењето.

- Прашањето гласеше вака: „Размислувам за број меѓу еден и сто. После секој обид ќе ви кажам дали бројот е превисок или пренизок. Ако погодите при првиот обид, добивате пет долари, тогаш четири, три, два, еден, и ако на крајот не погодите, ќе ми платите долар, два“, изјави тој.

Целта на ова прашање не е само да се тестира размислувањето на кандидатот, туку и способноста за донесување стратешки одлуки - клучна одлика, којашто Балмер ја смета за важна, за успех во технолошката индустрија.

Која е целта на прашањето?

Она што особено го интересира е - дали кандидатите го разбираат поширокиот контекст на играта? Имено, доколку сакаат победа, кандидатот треба да разбере дека веројатноста да се изгуби е поголема од веројатноста за победа бидејќи има многу повеќе бројки на коишто можат да загубат отколку едната што носи победа. Целта на прашањето е, всушност, да се види дали кандидатот прво ќе процени дали воопшто вреди да се игра.

Така, вистинскиот одговор е: „Не сакам да ја играм играва“, бидејќи тоа скоро секогаш ќе има негативен очекуван исход.

Балмер денес е сопственик на НБА-кошаркарскиот клуб Лос Анџелес клиперс и неговото богатство се проценува на 121,9 милијарди долари.

- Во една прилика, кандидатот веднаш ја погодил бројката напишана на хартија и рече дека играва не вреди. Тоа е правилен заклучок. Така, ја увидов способноста на кандидатот да размислува „вон рамките“ и неговата вештина да ги анализира проблемите пред да донесе одлука, се потсеќа Балмер.

На крајот, тој појасни дека неговата цел била да процени колку добро кандидатите ја разбираат анализата на ризик и донесувањето одлуки - клучни вештини за успехот во денешниот динамичен технолошки свет. си/мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан