• недела, 24 ноември 2024

Триесет семејства добија пчели и пчеларска опрема, донација од ТИКА

Триесет семејства добија пчели и пчеларска опрема, донација од ТИКА

Неготино, 28 јуни 2024 (МИА) - Триесет семејства од државава добија пчели и пчеларска опрема, донација од ТИКА, Турска агенција за соработка и координација, во рамките на проектот за развој на пчеларството. На овој начин, како што беше кажано на настанот во неготинското село Курија, тие добиваат можност за зголемување на економскиот приход, се зајакнуваат социо-економските услови на населението, а се придонесува и кон руралниот развој. Истовремено, се промовираат здравата исхрана и здравиот начин на живот. 

Програмскиот координатор на ТИКА во Република Северна Македонија, Мехмет Бајрак рече дека реализираат проекти и активности низ државава почнувајќи од 2005 година, со формирање на програмската канцеларија во Скопје.

- Првиот проект што го реализиравме во областа на земјоделството и сточарството беше проектот за развој на пчеларството во Македонија, кој започна во 2007 година. Проектот беше инициран со обезбедување обука и пчеларници за 90 земјоделски семејства од регионите Радовиш и Конче, со тоа што истиот проект беше избран меѓу најдобрите проектни практики на УНДП во рамките на програмата за соработка Југ-Југ во 2008 година, појасни тој во изјава за медиумите. 

Бидејќи проектот дал успешни резултати и придонел за зголемување на економскиот приход на семејствата корисници, го прошириле за да вклучат различни градови и села низ годините. 

- До денес дониравме пчелни кошници на близу 300 семејства. Денес, нови семејства се приклучуваат на проектот со тоа што доставуваме 10 кошници со пчели и потребни работни материјали за производство на 30 семејства определени од регионите како Ресен, Центар Жупа, Пласница, Диржилови и Пагаруша, Радовиш и Неготино. Дополнително, нашите водечки фармери обезбедуваат поддршка за споделување искуства на семејствата вклучени во проектот онаму каде што е потребно, информираше Бајрак. 

Тој истакна дека семејствата кои имаат корист од нивниот проект за развој на пчеларството, го консумираат медот што го произведуваат и го продаваат на локалниот пазар, давајќи дополнителен придонес за нивната семејна економија. Покрај зголемување на приходите на семејните бизниси кои живеат во руралните средини, проектот дава придонес и за руралниот развој.

- Нашите проекти не се ограничени на поддршка на пчеларски активности. До денес имаме донирано оранжерии за 1000 семејства од целата земја, со цел да го зголемиме квалитетот на производите и квантитетот на производството, особено преку поттикнување на оранжериското производство. На 600 семејства им обезбедивме и садници од калинка, орев, слива и цреша и садници од јагоди, погодни за производствените карактеристики на регионите, нагласи тој. 

Притоа, подвлече дека имаат обезбедено и мотокултиватори, земјоделско прскање и прскање со вештачко ѓубриво, машини за садење и берба на кромид, што им се потребни на семејствата за обработување на нивните земјишта и ги ставиле достапни за заедничка употреба на семејствата.

- Проектите што се реализираат во областа на земјоделството и сточарството се важни за нас, бидејќи директно имаат позитивно влијание врз животот на семејствата. Поради оваа причина, ќе продолжиме да ги следиме нашите проекти на ова поле во наредните периоди. На пример, оваа година планираме да ги обезбедиме потребните резервоари за собирање млеко, за да можат семејствата кои се занимаваат со сточарство, да го собираат млекото под хигиенски услови, рече Бајрак.

Исуф Јакупи од Скопје, е нов пчелар, почетник. Во изјава за МИА, тој сподели дека порано неговиот татко бил пчелар, но, починал пред неколку години.  Љубовта кон пчелите отсекогаш била присутна во нивната фамилија. Тој самиот извесен период бил „оладен“ за пчеларство, не мислел да се занимава со пчеларство. Но, како професор по спорт, залагајќи се за здрав живот, а со поттик и поддршка од ТИКА, преку проект и донација, решил да се врати на семејната традиција и ако може, да развие семеен бизнис. 

- Станува збор за доста донирана опрема. Сандаци за пчели празни со рамови и друго, плус сандаци со пчели, маски, разноразна опрема. Планираме пошироко производство на мед, имам три деца кои сакам да ги поттикнам и да ги вклучам во семејните активности, да ја продолжиме традицијата на производство на мед, подвлече тој. свд/бд/

Фото: МИА 

Остани поврзан