• среда, 20 ноември 2024

Триесет години музика, уметност, вознес и восхит на „Интерфест“ во Битола

Триесет години музика, уметност, вознес и восхит на „Интерфест“ во Битола
Битола, 9 октомври 2021 (МИА) - Да живее музиката! Да живее уметноста! Добре дојдовте на „Интерфест“ во Битола! Со овие зборови во далечната 1992 година беше поздравена публиката на првото издание на Интернационалниот фестивал на музика, драмска и балетска уметност „Интерфест“. Желбата на брачната двојка, професорите Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски, беше исполнета, и таа се совпадна со желбата на битолчани, кои три децении се домаќини на уметниците од светот. „Интерфест 92“ - Битола почна на 22 октомври, точно напладне во битолскиот Музеј со отворање археолошка изложба што ја подготвија археолозите Драгица Симовска и Марија Василева, и ликовна изложба селектирана од кустосите Лилјана Христова и Владо Ѓоревски. Првото издание на „Интерфест“ го отвори тогашното чудо од дете, виолинистот Стефан Миленковиќ. Аплаузи на отворена сцена освен за Миленковиќ, првата година им беа упатени и на Васка Биџова Гајдова, Благоја Николовски, Симеон Гугуловски, Анастасија Низамова-Мухиќ, Марија Муратовска, на италијанската пијанистка Тереза Тревисан, виолончелистот од Бугарија Анатолиј Крстев, баритонот од Турција Мете Угур, но и други уметници од Аргентина, Белгија, Австралија и Германија. - Не беше лесно да се обезбедат уметниците од европски и светски глас. Иако сите се мои или пријатели на Кирил, ние моравме, и неколку пати ги убедувавме, дека Македонија не е во војна, дека тука сè уште се уживаат благодатите на мирот, и дека тие ги имаат сите услови да доживеат вистинска фестивалска атмосфера. И, конечно, за љубов на нашето пријателство, и верувајќи ни докрај, тие прифатија да дојдат во Битола, изјави пред 30 години Милица Шперовиќ Рибарски, основач на фестивалот. Така почна. Концептот и ден-денес не е променет затоа што се потврди како успешен и одобрен од публиката, а „Интерфест“ - Битола се одржува заради публиката, велат основачите на фестивалот, кој годинава слави 30 години постоење. - Кога се навраќаме на минатото и изминатото, на деновите кога пред 30 години почна фестивалот, слободно можам да кажам дека овој фестивал постигна огромни успеси, нашиот труд за негова организација вроди со плод и сè што е направено во овие години за музиката, за културата, за разбирањето на класичната музика во Битола и пошироко е резултат на голем труд и ентузијазам посветени на фестивалот. Незаборавни се антологиските концерти, повеќето од 500 музички концерти и десетици поетски вечери, театарски претстави, ликовни изложби, мајсторски школи и мастер-класови, натпревар на најдобрите млади пијанисти, кој, за жал, по 9 години е прекинат поради константно намалување на буџетот на „Интерфест“ - Битола. Тоа е голема штета затоа што на овој натпревар доаѓаа млади уметници од Јапонија, Русија, Украина, Франција, Португалија... но верувам дека ќе се возобнови, посака Милица Шперовиќ Рибарски, уметнички директор на „Интерфест“ - Битола. Антологиски концерти, виртуози, лауреати, генијалци на сцените во Битола Богата е архивата на Интернационалниот фестивал на класична музика и таа сведочи за уметниците од сите страни на светот, певици, музичари, балетани, актери, ликовни уметници... - Културните настани влегуваат во вкупната енергија на градот, во вкупното паметење на градот. А, незборавни концерти имаше во недоброј... Да потсетам, концертот на Македонската филхармонија со генијалната виолинистка Ајман Мусакоџаева, која како вундеркинд на 10-годишна возраст настапувала со Московската филхармонија. Македонската опера импресионираше во минатото, а така беше и годинава на отворањето со операта „Палјачи“. Тука доаѓале уметници кои на сцените во Париз, Њујорк или во Лондон блескале поеднакво како на сцената во Битола. Тешко е да се набројат сите и, што е најважно, и оваа година имавме антологиски концерт, кој предизвика восхит и вознес кај публиката, а го приреди Александар Рам, виолончелист од Москва. Но, освен Македонската филхармонија, тука настапувале и Филхармонијата од Полска, Унгарската, Софиската филхармонија, гостуваше и Државниот балет од Москва, кој првпат во Македонија настапи со над 50 члена на балетот. Тоа беше врвен уметнички настан, кој секогаш ќе се памети. Незаборавен е и настапот на машкиот балет од Санкт-Петербург, а нешто посебно и дотогаш невидено беше и на концертот на уметниците од Кина, сопранот Јан-Јан Ванг, тенорот Јуксин Ли и баритонот Ке-Џинг Лиу, кои по настапите во Вашингтон, во Њујорк и други светски дестинации дојдоа во Битола. Публиката ги повикуваше на бис, а по седум отсвирени биса и кога немаа повеќе ноти, диригентот Тадеуш Козловски од Полска ја праша публиката дали може да пробаат да го изведат „Соло, мио“ без ноти. Публиката воодушевено потврди, а потоа со солзи во очите, битолчани во бранови слегуваа по скалите и надоаѓаа кон сцената за да се ракуваат со уметниците. За мене и за Кирил Рибарски тоа беше таков настан што не сме го забележале на ниту една сцена во светот, а тоа го потврдија кинеските уметници, се сеќава Шперовиќ Рибарски. „Интерфест“ - Битола, фестивал што ги одбележува своите и слави други јубилеи „Интерфест“ - Битола е фестивал што го слави својот и ги почитува јубилеите поврзани со личности и настани што директно или индиректно се поврзани со мисијата на фестивалот. Првата декада, првиот јубилеј на „Интерфест“ беше посветен на Џузепе Верди, во 2003 година фестивалското издание беше посветено на големиот македонски јубилеј - 100 години Илинден, а во 2010 година фестивалот беше организиран во чест на Шопен, односно 200 години од неговото раѓање. - Во 2013 година славевме 200 години од раѓањето на Верди и Вагнер, а оваа година јубилејното издание на „Интерфест“ е во чест на 100-годишнината од раѓањето на големиот македонски поет и лингвист, кодификатор на современиот македонски литературен јазик Блаже Конески. Во овие три децении организиравме поетски вечери со Радован Павловски, Анте Поповски, Јордан Плевнеш... археолошки изложби, ликовни изложби, а така беше и годинава со изложбата „Боја родена од музиката“, ликовни дела од академскиот сликар Борислав Траиковски. Сакаме секој простор, секоја фестивалска сцена да биде исполнета, а ако нешто недостига, тогаш преземаме акција. Така беше по уништувањето на Офицерскиот дом, каде што има извонредна акустична сала за концерти, а јас лично во 2014 година поттикнав граѓанска инцијатива за обнова на тој објект. Во една тетратка се потпишаа над 500 граѓани и музичари од Битола и од Скопје затоа што дотогаш уживаа во концертите што се одржуваа во таа прекрасна сала. Конечно годинава Офицерскиот дом го доби својот поранешен сјај, верувавме дека во тој објект ќе биде свеченото отворање и ќе се одржат неколку концерти, но, за жал, сè уште не е доделена дозвола за употреба и не успеавме јубилејот да го славиме во тој објект, но затоа ѝ доделивме јавна благодарница на градоначалничката Наташа Петровска, која го врати сјајот на тој импозантен објект, вели меѓу другото Шперовиќ Рибарски. Оваа година, посочува таа, постхумно доделивме и јавно признание за Благој Стефановски-Баге, како голем културен деец, кој од првиот ден на фестивалот беше наш голем поддржувач, а јас како битолчанка и пред сè како музичар, со негова помош сакав да направам нешто големо и во прилог на класичната музика. Постхумното признание за Благој Стефановски-Баге е во знак на неизмерна благодарност за неговата поддршка, помагање и инспиративна помош на фестивалот. „Интерфест“ - Битола со континуиран квалитет и нестабилен буџет!? Кирил Рибарски и Милица Шперовиќ Рибарски подвлекуваат дека Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ - Битола секоја година е со поголем и потврден квалитет, но, за жал, со дисконтинуитет во финансирањето. Буџетот, велат, секоја година ни го намалуваат, но не нè обесхрабруваат. - Оваа година за јубилејното издание планиравме на отворањето да гостува Санкпетербуршката опера, а на свеченото затворање да настапат берлинските симфоничари, но, за жал, финансиската програма не ни беше прифатена и со тоа ја пропуштивме можноста во нашата земја да гостуваат врвни уметници и заедно да го одбележиме големиот фестивалски јубилеј. Со средствата што оваа година ни се доделени не знаеме како ќе го довршиме фестивалот. Од година во година и, што е уште понепријатно, буџетот на фестивалот континуирано се намалува. Министерството за култура пред неколку години фестивалскиот буџет го намали за 12.000 евра, а годинава за 6.000 евра. Ние не сакаме привилегии, туку само реално гледање на квалитетната понуда, бидејќи не може и никаде не е така во светот, фестивали почетници во земјава да добиваат повеќе средства од докажани и потврдени фестивали како што е „Интерфест“ во Битола. Фестивалот остана без спонзори, а нам ние е непријатно и понижувачки да доставуваме барања до според нас финансиски моќни компании, кои не нè удостојуваат ниту со одговор! Затоа повеќе нема да молиме. Годинава добивме значајна директна и индиректна поддршка од Општина Битола, но сигурноста треба да ја имаме пред самиот почеток на фестивалот, кога ги заклучуваме договорите со уметниците од светот, а не да сме во постојана неизвесност, која, за жал, ни се случува, сметаат тие. Овој фестивал, додаваат, мора да го има заслуженото место во државата затоа што според квалитетот е на светско ниво. - Ние сакаме фестивалот да расте и да продолжи гостувањето на големи ансамбли, затоа што Битола заслужува, а публиката секој настап го испраќа со овации. Уметниците се среќни што тоа го доживуваат во градот под Пелистер, не сакаат да заминат од концертната сала, ни рекоа Милица Шперовиќ Рибарски и Кирил Рибарски, основачите на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“ - Битола. Марјан Танушевски

Остани поврзан