• среда, 25 декември 2024

Трибина за македонскиот јазик во наставата 

Трибина за македонскиот јазик во наставата 

Скопје, 10 мај 2024 (МИА) - За наставните програми, фондот на часови и учебниците што ги употребуваат на часовите разговараа денеска наставници по македонски јазик од основни и средни училишта во Скопје, на трибина што ја организираше Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Скопскиот универзитет по повод Денот на македонскиот јазик - 5 Мај.

Учесниците на трибината сметаат дека покрај вежбите што се застапени во учебниците, во практичната работа се потребни и прирачници за одделните сегменти од граматиката - за лексикологија, морфологија, синтакса, за правописот, а и самите учебници во наставата треба да се осовременат согласно со новите трендови. 

Тие укажаа и на значењето од читањето литература на македонски јазик што им помага  на учениците во совладувањето на граматичките правила и во подобрување на знаењата од областа на стилистиката и да ја разберат македонската фразеологија. 

-Нам ни е важно да имаат и прирачници, покрај Правописот, прирачници за морофологија, за синтакса, не само учебници, рече Ивана Лазревска од „Орце Николов“.

Посочи дека има средношколци кои и во четврта година, при подготвување за државната матура, имаат дилеми на која страна се ставаат надредните знаци, кога (не) се користат наводнците или не знаат што значи фразата „Падна секирата во мед“. 

Според професорката Маријана Ѓоргиева-Ристевска, потребно е да се одделат во посебни предмети граматиката и литературата.

-Тешко е да се постигнат двете во четири часа неделно, тоа е обемен материјал... Застарени се и моделите на учебници, треба да има нови согласно новата ера. Вежбите во учебниците не се доволни и затоа се потребни и прирачници, рече Ѓоргиева-Ристевска.

Нагласи дека за познавања на Правописот треба да се чита македонска книжевност.

- Не „Хамлет’ само на англиски, туку и дела на македонски јазик. Поради англискиот се изразуваат со чудни кованици, рече Ѓоргиева-Ристевска, додавајќи дека јазични вештини се подобруваат низ читање и со создавање свои творби.

Раководителката на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на УКИМ, проф. д-р Искра Пановска-Димкова, изјави дека е задоволна што годинава се запишале 22 студенти, за разлика од минатата со 14 студенти.

-Состојбата во различни години е различна. Оваа  година сме доста задоволни од бројот - запишани се 22 студенти. Очекуваме тој број да се зголемува со оглед на тоа што стапи во сила Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе им овозможи вработување на нашите студенти понатаму... Имавме една критична година кога беа запишани само седуммина, но и тие седуммина излегоа доста квалитетни, така што не почувствувавме значително опаѓање во студиите, истакна проф. Пановска-Димкова.

Д-р Гордана Алексова, вонреден професор на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, изјави дека со годинашното одбележување на Денот на македонскиот јазик се прославува јубилејот 80 години од неговото прогласување за службен на територијата на Народна Република Македонија во состав на Федеративна Народна Република Југославија.

-Во образовен контекст ова значи момент кога образованието во Македонија го почнува својот развоен пат со своите три главни функции – да биде јазик за комуникација, да биде наставен предмет како мајчин и како немајчин јазик и, секако, да биде наставен јазик на кој се одвива наставата за сите наставни и студиски предмети во Македонија. Во текот на овие 80 години, македонскиот јазик паралелно со развојот на општеството, на технологијата, со појавувањето и развојот на македонската лингвистичка и методичка мисла, успешно ги извршува двете основни функции – комуникациската и сознајната во наставата и го етаблира, го надградува својот многу важен статус на можеби најзначаен предмет во основното и во средното образование, а исто така и на високото образование, рече Алексова. хс/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан