• четврток, 26 декември 2024

Трет ден активен шумскиот пожар на грчкиот полуостров Пелопонез

Трет ден активен шумскиот пожар на грчкиот полуостров Пелопонез

Атина, 1 октомври 2024 (МИА) – Подобрена е рано утрово ситуацијата со пожарот во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, откако противпожарните сили цела ноќ се бореа со огнените јазици, евакуирани беа низа населени места, додека пак синоќа превентивно беше затворен автопатот кон и од Атина и кон и од Патра, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот е активен веќе трет ден, доцна синоќа имаше нови и опасни разорувања, а според медиумите во Грција, огнените јазици се протегаат на должина од над 32 километри.

Рано утрово беше испратена порака од бројот 112 за итни случаи за превентивна евакуација на уште едно село во близина на пожарот, додека во текот на вчерашниот ден беа испратени неколку пораки до жителите и оние кои се во близина на седум населени места, исто така за евакуација.

Во гаснењето и интервенираат над 400 пожарникари со 16 пешадиски тима, 123 возила, како и три авиони и пет хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

Во пожарот вчера животот го загубија две лица, двајца мажи на возраст од 35 и 40 години, во обид да му помогнат на пријател, додека пак според грчките медиуми, повредени се и двајца пожарникари.

Министерот за цивилна заштита и климатски кризи на Грција Василис Кикиљас преку социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на двајцата загинати и апелираше до граѓаните да ги почитуваат пораките од бројот 112 и да ги следат упатствата на пожарникарите и полицијата и порача дека „шумските пожари се исклучително опасни не само за имотите, туку и за животите на луѓето“.

Пожарот е во северниот дел на полуостровот Пелопонез во близина на градот Ксилокастро меѓу Коринт и Патра.

Во пожарот изгоре огромна шумска површина, која дополнително ќе се проценува, а материјална штета е предизвикана и на куќи. ср/

Остани поврзан